МЕРИДИЈАНИ
Да, таа може
Морин Дод
Додека Обама минува три часа гледајќи го „Темниот витез“ пет временски зони далеку, и ќе собира финансиски средства облечен во „алоха стил“ и како вонзејманин од Хаваите, Хилари е зафатена со планирање на нејзината конвенција. Речиси и можете да го слушнете нејзиното размислување: таа е зачудена од тоа колку беше лесно да му се грабне Денвер, каде што се одржува конвенција, на Обама. Тоа беше како да се грабне колаче од дете, освен што тој висок човек не јаде слатки.
За само неколку недели Бил и Хилари беа во можност да го одвлечат „без драма“ Обама во мочуриштето на драмата на Клинтон. Тие сега ја прават целата конвенција да биде за нив - нивното незадоволство и ревизионизам и едвај скриената желба да се види неговиот пад. Без разлика какви неискрени зборови на поддршка собраа Клинтонови, нивниот првобитен крик станува погласен: Тој не може да победи! Тој не може да склучи договор! Ние ви го кажавме тоа!
Хилари во Денвер режира драма во драма. Како што Хамлет ја користи направата за да покаже дека очувот го уби неговиот татко, така Хилари ќе се обиде да им покаже на демократите дека го избраа погрешниот спасител. Нејзиниот поранешен помошник Хауард Волфсон на Еј-Би-Си њус разгоре разорни огнови, наведувајќи дека Хилари ќе го победеше Обама во Ајова и ќе станеше кандидат ако аферата на Џон Едвардс излезеше на виделина минатата година, тврдење негирано од истражувањето спроведено на Универзитетот во Ајова кое покажа дека далеку поголем број поддржувачи на Едврадс го имале Обама како нивни втор избор.
Хилари не чувствува вина за охрабрувањето на нејзините симпатизери да го уништат големиот момент на Обама и на тој начин да ги поткопаат неговите шанси за поразување на Џон Мекејн, а да ги подобрат нејзините шанси во 2012 година да биде кандидат на демократите. Таа очигледно ужива во плановите на „светот на Хилари“ за одржување повеќе собири во Денвер, да добие повеќе реклами во електронските и печатените медиуми и да ги задржи знаците во салата на кои пишуваше „Откажете го крунисувањето на Нобама“. Во видеозаписот од свеченоста во Калифорнија на која се собираа финансиски средства, а се одржа на 31 јули зад затворени врати, кој беше објавен на „Ју тјуб“ Хилари беше очигледно приемчива да и' биде ставено името на листата за гласањето за номинација и на прозивката.
Таа изјави дека тоа би било добро за единството на партијата ако нејзините симпатизери чувствуваат „дека нивниот глас ќе биде слушнат“. Меѓутоа, тоа е неискрено. Хилари беше таа која на крајот од мај ја покрена идејата за прозивка кај демократите кои ја повикуваа да се соочи со фактите. Таа наведе дека тоа го сакала за нејзината ќерка Челзи, несвесна за тоа како таквото гласање би можело да им наштети на шансите на Обама. Откако таа во јуни се повлече, во приватните разговори им кажува на луѓето дека би можело да има „катарза“ на конвенцијата, сигнализирајќи дека таа сака Клинтон крешчендо.
Бил продолжува да „завива на месечина“ за Обама, и на секој новинар во близина; тој почнува да прави кралот Лир да изгледа како Рајан Сикрест, домаќинот на „Американски идол“. Според тоа, како Клинтонови гледаат на ова, тука нема ништо погрешно во тоа двојката да прави планови за нивната иднина, нели? Тоа е американски начин и, како што нивниот пријател Марк Пен посочи, тие имаат американски корени додека пак Обама „во својот центар не е во основа Американец во неговото размислување и неговите вредности“.
Клинтонови знаат дека повеќето од демократите негодуваат дека нивното однесување дека ништо друго не постои освен нив е „одвратно“. Меѓутоа тие се преплавени од прекрасна радост за туѓа несреќа, од бранот каење од страна на консументите што ја преплави Демократската партија; голем број демократи се прашуваат дали Обама се бори доволно жестоко против Мекејн.
Некои демократи сакаат Обама да им каже на Клинтонови да го остават на мира или да се тргнат на страна ако не можат да покажат поголема лојалност, наместо да им даде простор за да кажат нешто на конвенцијата во вторникот и средата. Обама, исто така, им дозволи на поддржувачите на Хилари да вметнат апсурдни ставови во платформата, сугерирајќи дека доминацијата на мажите во медиумите е причина за нејзиниот пораз.
(Авоторката е колумнистка
во „Њујорк тајмс“) |