Во македонските затвори „лежат“ 63 странци
Најголем број од странците се од соседните земји, но има и од Молдавија и од Израел
Даниела Трпчевска
Во најголемиот затвор во земјава „Идризово“ се регистрирани 63 странци кои ја издржуваат казната затвор, од кои тројца се во бегство. Најголем број од нив се од соседните земји – Албанија, Косово, Србија, Бугарија, Турција, но има и Чеси, Белгијци, Молдавци и Израелци кои биле фатени на македонска територија за шверц на дрога или илегално минување на границата. Полицијата се' уште трага по тројца затвореници кои изминативе години спектакуларно успеаја да ги надитрат затворските чувари и да избегаат од зад решетките. Лани албански државјанин успеа да побегне од „Идризово“ скриен во багажник на комбе. Во бегството му помогнал инструктор од автосервисот во затворот, кој го скрил во багажникот и незабележано го одвезол надвор. Затвореникот се претпоставува дека избегал во Албанија и се' уште нема никаква трага од него.
Трага им се губи уште на двајца осуденици од Србија и од Црна Гора. Црногорскиот државјанин Владета Милачиќ (51), кој беше осуден на две години затвор поради измама, лани во септември успеа да избега на спектакуларен начин. Откако симулирал болки во стомакот, тој итно бил изнесен од затворот, а на пат кон болница, возилото беше пресретнато од неговите „ослободители“, по што на Црногорецот му се изгуби трагата. Се' до неговото апсење во Нови Сад, кога се обидел во кафеана да го плати ручекот со фалсификувана кредитна картичка.
Во Македонија странци осуденици издржуваат казна затвор само во „Идризово“. Странците против кои се води кривична постапка и оние кои се во притвор се сместуваат во казнено-поправните установи во Скопје, Штип, Битола, Гевгелија, Тетово и Охрид, според реонот каде што е сторено делото.
Во најголемиот затвор во земјава има регистрирани 63 странци, од кои 19-мина се од Албанија, тројца од Бугарија, седуммина од Турција, осумнаесет државјани на Србија, двајца Хрвати, по еден Грк и Чех, а има и затвореници од Белгија, Франција, Молдавија и Израел.
Најголем број од затворениците издржуваат казна поради дрога, проституција, различни видови кражби. Од вкупниот број странци-затвореници во „Идризово“, дури 22 издржуваат казна за различни видови кражби, 18 за дрога, а другите за проституција. Меѓу затворениците има и две жени од Бугарија и од Турција кои се осудени на казна затвор за шверц на мигранти.
Во затворот во земјава објаснуваат дека третманот на странците и ист како и на нашите осуденици, во делот на ресоцијализацијата. Почитувањето на куќниот ред важи за сите подеднакво.
Типично за странците е тоа што дипломатско-конзуларните претставници од нивната земја имаат право на посета, согласно со куќниот ред. „Странските амбасади искажуваат интересирање за посета на своите граѓани. Ниедно барање досега не е одбиено и дури барањата се решаваат експресно“, велат во Управата за извршување санкции при Министерството за правда.
Покрај редовните посети на роднините и најблиските, за некои од затворениците во „Идризово“ била организирана и свадбена церемонија. Така се раскажува дека еден од затворениците осудени на доживотна казна затвор, поради убиство на сопругата, лани по втор пат стапил во брачните води. Свечената церемонија се одржала во затворот „Идризово”, а покрај матичарот и социјалниот работник, на прославата присуствувале и вработените во затворот.
Странските затвореници се работно ангажирани и имаат право на одмор, но тој го искористуваат во рамките на казнената институција. Единствено што не можат да искористат е правото на викенд надвор од затворот, оти немаат каде да престојуваат. Но, имаат право на посети и телефонски комуницираат со надворешниот свет. По определен период и по нивно барање, осудените лица имаат право на трансфер, односно можност казната затвор за да ја издржуваат во својата земја. Истото право го имаат и нашите државјани осудени во странство, врз база на билатерална спогодба.
„Со повеќето земји Македонија има договор за екстрадиција и трансфер со кои по барање на осудените лица преку затворската управа до Министерството за правда му се овозможува трансфер или издржување на казната во матичната земја“, велат во Министерството за правда. |