Полицијата и одбраната имаат најголеми дискрециски права
Во полицијата и во одбраната има тајни пари кои можат неконтролирано да се користат
Катица Чангова
Полицијата и одбраната располагаат со најголеми дискрециски права, тврдат експерти на кои им е блиска оваа материја. Шефовите на МВР и на МО, како и нивните доверливи соработници од пониските ешалони, имаат толку голема моќ што без распишување тендери и без отчетност можат да трошат милиони евра. Во буџетски ставки на полицијата и на одбраната, кои вообичаено се насловени „за посебни активности“, чекаат тајни пари кои можат неконтролирано да се користат.
Министри или нивните десни раце во некои поранешни влади, токму на овој начин, од тајните парични магацини извлекуваа средства за најразлични намени. Од набавка на уреди за прислушување, до скапа опрема за кабинети. Потоа, за разубавување на работната средина со уметнички слики. На државна сметка некои ексфункционери си дозволија и ергели, купувајќи расни коњи. На долгиот список беа и „рејбан“ очила за сонце, луксузни парфеми...
Но, дискрецијата не е само во полицијата и во одбраната. Постои и во сите други министерства. Во труд и социјала, каде што се дели социјална помош, во транспорт и врски, каде што се даваат дозволи. Навистина сега има компјутерска распределба за да се спречат евентуалните злоупотреби или привилегии. Стручњаците не се докрај убедени дека со компјутеризацијата замреле влијанијата и фаќањето врски за роднини, пријатели и партиски војници.
На листата ресори со дискреција се и здравството, каде што има многу тендери за јавни набавки на лекови, потоа во земјоделството, образованието, финансиите. Нема никакво сомнение дека дискрециските овластувања се магнет за секоја владејачка гарнитура. Ниту еден функционер во хиерархискиот синџир на власта не се откажал од моќната алатка да носи одлуки во дискреција.
Не се знае точно со какви и со колку дискрециски права располагаат функционерите. Тие се запишани во илјадници закони, подзакони, одлуки, решенија... А законодавната материја постојано се менува, се дополнува, надградува. Буквално, крајот не може да им се фати на законите и на пониските акти.
Од она што на сите им е добро познато како дискрециски права се именувањата и разрешувањата на многу носители на јавни функции, од директори, членови на управни одбори до претседатели на познати и помалку познати комисии. Потоа, унапредувањата на службениците на работните места или симнувањето од позицијата за едно или неколку скалила од икс причини.
И потпишувањето месечни надоместоци со различни износи по разни основи што се додаток на редовната плата влегуваат во овластувањата, а тука е определувањето на лица за патувања во странство... Но, тука не е крајот.
Дискрециското право од Законот за помилување неодамна го искористи шефот на државата, Бранко Црвенковски, кој реши да го аболира струмичкиот градоначалник Зоран Заев пред да почне каква било постапка. Науката вели дека во помилувањето, кое е работа на претседателот, нема ништо спорно. Меѓутоа, забелешката е дека законот што ја дава можноста за аболиција е недоволно јасен. Д��толку повеќе што општата дефиниција не прецизира точно за кои дела претседател на држава може да даде простување.
Привилегијата да се носат одлуки во дискреција мора да постои. Проблемот е во нерегулираната употреба на правата. Подобро е да се прецизира процедура за користење на овластувањето која ќе биде одобрена со потписи од повеќе лица, од министер, преку негов заменик, државен секретар, па до советник.
Дискрециските права на функционерите можат да се ограничат само со нивна транспарентна употреба. Строги правила и недвосмислени критериуми за секоја одлука што ја парафираат министрите.
Според експертите, дискрециското овластување подразбира пропишана постапка и процедура за решавање, јавност и транспарентност, вклучувајќи го и правото на жалба и заштита.
„Секоја власт на дискрециските права работи кампањски, а не систематски. Тука не постои континуитет. Факт е дека ниту една власт не сака да и' се чепка во дискрециските права. Од 1991 до денес само владата на Владо Бучковски имаше чувство за ова прашање. Во 2005 беше формирана посебна комисија која ги чешлаше законите. Но, таа работа траеше само една година. Во 2006 почнаа подготовки за парламентарни избори и потоа се' спласна“, вели професорот на Правниот факултет, Борче Давитковски, еден од членовите на комисијата. Тој смета дека има потреба од вакво тело во владата кое ќе биде филтер за законите од аспект на дискрециските права.
За Давитковски посебно важна е категоријата функционален имунитет што подразбира одговорност на министер и по заминување доколку времето покаже дека е направена штета од некоја негова одлука.
„Функцијата треба да е Дамоклов меч за секој носител на функција. Што е потребно да се случи во државата, па функционер конечно да понесе одговорност. Се случувало, а и се случува влада да донесе одлука која Уставен суд ја прогласува за противуставна, а за тоа никој не понесува одговорност. Ниту еден функционер досега не одговарал за лоша процена при донесување одлука“, додава професорот Давитковски.
Најсвеж е случајот со трансформацијата на Клиничкиот центар. На инсистирање на поранешниот министер за здравство, Имер Селмани, парламентот експресно донесе закон со кој ја исправи грешката, но ја потврди поделбата на Клинички центар.
Поентата е да се натераат министрите на размислување, ако предизвикале штета со некоја нивна одлука дека треба да ја надоместат, во рамки и на кривична, но и на материјална одговорност, објаснува Борче Давитковски. Ревизорските извештаи секогаш треба да се основа за поведување индивидуална и колективна одговорност. Но, тука не смеат да се применуваат двојни аршини, па некој да биде во притвор, а друг не.
„За промашени одлуки на функционерите сметка треба да води Антикорупциската комисија. Препознавањето коруптивни елементи во одлуките на извршната власт треба да биде аларм за антикорупционерите да се осмелат и да поднесат кривична пријава против владата или функционер. Каде е државното правобранителство. Нели треба да се грижи за имотот на државата“, нагласува Давитковски. |