Со парите од продажбата на ЕЛЕМ ќе се крпи долгот?

Од Владата и од ЕЛЕМ не сакаат ништо да коментираат, сметаат дека сега не бил момент за тоа
Маја Томиќ
Дали за две и пол години ќе се продадат 49 отсто од капиталот на ЕЛЕМ, како што се наведува во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, или ќе се забрзаат работите сега кога веќе е извесно дека оваа партија ќе ја составува новата влада? ЕЛЕМ остана единственото вредно во државата, откако веќе се продадоа најкапиталните државни компании - „Телеком“, Рафинерија и ЕСМ. Па, сега, како што коментираат експертите, во состојба кога долгот на државата спрема странство достигна 1,7 милијарди евра, ќе мора да се бара некој начин како да се покрива.
Инаку, според официјалните податоци, основната главнина на ЕЛЕМ вреди 517 милиони евра, но неговата реална вредност треба допрва да ја оценува странски консултант, пред да се објави тендерот, а таа ќе биде многу поголема. Неофицијално се спомнува дека вистинската вредност на ЕЛЕМ, со сите реновирани капацитети, всушност, изнесува приближно една милијарда евра. Значи, идниот купец на 49 отсто од ЕЛЕМ би требало да искешира околу половина милијарда евра во државната каса.
„Уште ЕЛЕМ ни остана вредно за продажба. Оваа влада направи голема финансиска дупка во изминатите пет години и сега и' се малку и тие 49 отсто, доколку ја продаде ЕЛЕМ на некоја странска компанија. Новата влада не може веќе да смета на евтини кредити од ММФ или на пари од државни обврзници, како досега, а потребен и' е свеж капитал. Сепак, се сомневам дека некој инвеститор би се согласил да биде сопственик на 49 проценти, а за нив да фрли толку многу пари. Објективно, нашиот пазар е мал за вакви крупни инвестиции и доколку некој би се решил да вложи, би сакал да работи и за соседните пазари“, вели поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини. Тој додава дека е многу веројатно оти нема да се чека предвидениот термин во програмата на ВМРО ДПМНЕ за комплетирање на продажбата на ЕЛЕМ, декември 2013 година, а дека работите ќе се забрзаат.
Од Владата не сакаат во овој момент да коментираат што било околу ова прашање, иако велат дека е јасно оти парите ќе легнат во државна каса, па потоа ќе се распределуваат во зависност од одлуките. Според портпаролот Мартин Мартиновски, продажбата на ЕЛЕМ сега не е приоритетно прашање, сега е момент на формирање нова влада, а потоа другите работи. „Многу е рано, не можам да коментирам ништо за тоа, немам никакви попрецизни информации. Прво да се конституира владата, па потоа ќе се видат приоритетите“, изјави Мартиновски.
И од државната ЕЛЕМ се воздржуваат од какви било изјави во овој момент.
„Владата, односно ВМРО-ДПМНЕ, ставила во програмата дека треба да се продаваат 49 отсто од капиталот на ЕЛЕМ. Па, таа треба да каже што попрецизно мисли како да го стори тоа и да ни ги каже деталите. Се' дотогаш не можеме да коментираме ништо“, велат од ЕЛЕМ.
Според Атанаско Туневски од СДСМ, која, исто така, во својата изборна програма имаше ставено дека треба да се продадат 49 отсто од ЕЛЕМ, но добро е до крајот на 2014 година да се најде инвеститор од странство што би вложил во ЕЛЕМ. Со парите што ќе легнат на државна сметка, објаснува Туневски, не треба да се надоместува долгот, туку, пред се', треба да се инвестира во некои од веќе планираните енергетски објекти, со што земјата нема веќе да биде голем зависник од увоз на струја.
Државните електрани треба со докапитализацијата долгорочно да зајакнат финансиски, така се наведува во објаснувањето за продажбата во „Манифестот“ на ВМРО-ДПМНЕ. Со парите би се реализирале повеќе планирани и идни објекти, а ќе се зголеми и домашното производство на струја.
Идејата за приватизација на ЕЛЕМ не е нова. Уште во 2005 година, во времето на владата на СДСМ, кога се приватизираше некогашно „Електростопанство“, се најавуваше дека во догледен период и ЕЛЕМ треба да се приватизира. Тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ беше остар противник на таа идеја. |