22 Зошто ПЕИ си замина од „Сојузот за иднината“
Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Онлајн издание
Вести Магазин Спорт
Политика
19.04.2013, 20:17

Зошто ПЕИ си замина од „Сојузот за иднината“

Случувањата меѓу СДСМ и партијата на Фијат Цаноски, пред и за време на изборите, навестија ваков епилог на нивното сојузништво

Александра М. Митевска

Бизнисменот и пратеник Фиjат Цаноски се збогува со СДСМ. Неговата Партија за европска иднина (ПЕИ) ќе дејствува надвор од опозицискиот фронт. Одлуката за самостоен политички настап ја донеле партиските тела, при анализа на резултатите од локалните избори, кога е констатирано дека е неопходно редефинирање на позициите на партијата.

„Водејќи се од заложбите за посилно и поконкретно реализирање на програмските определби на ПЕИ за унапредување на правата на нашето членство, кое е мултиетничко , и особено за соодветно вклучување на Торбешите како посебна етничка заедница во системот на институционално дејствување, одлучивме понатаму да не сме дел од здружената опозиција. Нашето политичко дејствување ќе биде независно од кој било политички блок или партија“, се наведува во соопштението на ПЕИ.

За СДСМ одлуката на ПЕИ е очекувана и тие им посакаа успех на довчерашните коалициски партнери. „Сметаме дека излегувањето од здружената опозиција е погрешна одлука која не оди во насока на подобрување на состојбите во државата, туку остава дополнителен маневарски простор за актуелната власт“, оценија од СДСМ.

Предизборните случувања меѓу СДСМ и ПЕИ, всушност, навестија ваков епилог на нивното сојузништво. Сепак, за гестот на Цаноски може да се каже и дека е изненадување ако се имаат предвид неговите долгогодишни добри релации со Бранко Црвенковски, дури и во периодот додека ПЕИ учествуваше во коалицијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

ПЕИ е првата партија која навести дека нема да ја почитува првичната опозициска одлука за бојкот на локалните избори и која, во екот на опозицискиот „отпор“, најави изборна соработка со владејачката ДУИ во неколку етнички мешани општини, каде што има концентрација на Македонци со исламска вероисповед. Според неофицијални информации, несоработката и ривалството со СДСМ, за време на изборите во општините Маврово-Ростуше и Долнени, е една од причините за излегувањето на ПЕИ од опозициската коалиција. Во овие општини СДСМ номинираше свои кандидати за градоначалници, така што фаворитите на ПЕИ освоија полоши резултати од очекуваните. Индиректно ривалство меѓу двете партии имаше и во Струга.

Цаноски ја формираше ПЕИ пред парламентарните избори во 2006, кога настапи самостојно во две изборни единици. На претходните локални избори, во 2009, Цаноски беше кандидат за градоначалник на Струга, со поддршка од СДСМ и за малку му избега победата. На иста линија со опозицијата тој се најде и за време на случувањата околу телевизијата А1, а потоа и кога се уриваше станбениот комплекс „Космос“.

Покрај Цаноски, ПЕИ има уште двајца членови во парламентот - Рејхан Дурмиши и Мевмет Џемајлоски. Тие ги добија мандатите во 2011 година, на листите на здружената опозиција, предводена од СДСМ. Одлуката на ПЕИ за напуштање на коалицијата може сега да резултира со растурање на пратеничката група на партијата, која со пет члена го има минимумот за организирано дејствување во законодавниот дом. Независните пратеници Ленче Николовска и Сафет Бишевац, кои партиципираа досега во пратеничката група на ПЕИ, соопштија вчера дека остануваат во опозицискиот „Сојуз за иднината“.

По овој потег на ПЕИ, се наметнува и прашањето дали ќе има домино-ефект од аспект на раситнувањето на опозицијата, бидејќи и други партии, како ЛП или Српската напредна странка, не ја испочитуваа првичната одлука за бојкот. Ивон Величковски, претседател на ЛП, изјави вчера дека одлуките за коалицирање ги носат партиските органи, а дека форумите на неговата партија немаат донесено досега одлука која би била спротивна на одлуката за влегување во опозицискиот фронт.


Статијата е прочитана  пати.


Испрати коментар

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

    


Site Meter


Време
Скопје, 25°C

Делумно облач��о

Среда
Делумно облачно
Макс: 24°C, Мин: 9°C

Четврток
Сончево
Макс: 27°C, Мин: 9°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
Вкусен агол
(ВИДЕО) Сто најдобри песни според „Ролингстоун“

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп | Ретровизор | Саботен магазин |