Млечна криза во Пелагонија
„Сведмилк“ просечно им должи по 1.000 евра на производителите
Моника Талеска
ПРИЛЕП - Млекопроизводители од две општини - Кривогаштани, Прилепско и Ивањевци, Битолско, бараат итна помош од Министерството за земјоделство и Владата зашто веќе четири месеца не добиле ниту денар за предаденото млеко во „Сведмилк“. Оваа млекарница на секој од производителите просечно им должи по 1.000 евра.
Млекопроизводителите веќе три недели не можат да стапат во контакт со надлежните од млекарницата. Тие се закануваат дека ќе бидат принудени да протестираат и пред млекарницата и пред Владата.
„Само од село Обршани месечно предаваме по седум тони, или за четири месеци ’Сведмилк’ ни должи пари за 28 тони. Сите живееме од млекопроизводство. Сите сме невработени. Зедовме кредити од банките за да инвестираме во млекопроизводство. Кога ни ги дадоа лактофризерите од ’Сведмилк‘ ветија редовен откуп и исплата, а така беше само два месеца. Сега никој нема жив да се јави, ниту пак знаеме со кого да контактираме. Кога се избори и кампањи, сите доаѓаат и ветуваат, а сега каде се да преземат мерки за нашиот проблем. Никој во државата не сака да признае дека има млечна криза“, реагира Менде Стомнароски од село Обршани.
Производителите се чувствуваат изневерени зашто „Сведмилк“ одбива да потпише кооперантски договори. Од друга страна, млекото не можат да го предадат во другите млекарници кои ги третираат како кооперанти на „Сведмилк“. Сега се во безизлез, без пари не можат да ги вратат кредитите, а каматите секојдневно растат.
„Постојано ни ѕвонат од банките, бараат да внесеме рати за кредитот, а ние немаме пари. Од каде, кога сите пари ни ги држи ’Сведмилк’. И струјата ни ја исклучуваат, оти сметките не можеме да ги платиме, а зима е, студи. Не знаеме со кого и каде да контактираме. Ќе бидеме принудени и добитокот да го продадеме, иако тоа не е решение. Сега никој не сака крави да купува. Што ќе правиме ние натаму, без егзистенција. На нас никој не мисли“, се жалат жителите.
„Кога дојдоа, млекото го откупуваа по 27 денари за литар. Потоа постојано ја намалуваа цената. Последниот месец млекото го откупуваа за 18 денари, и тоа во зима, кога нема никакви бактерии, кога се произведува најквалитетно млеко“, потенцира Ѕвонко Ручески, млекопроизводител од Обршани. |