ЕЛЕМ ќе плати 30 милиони евра за увоз на струја
Вчера се отворија девет понуди за струја за првите четири месеци од 2009 година, а просечната цена е 88 евра за мгвч.
Маја Томиќ
Девет компании вчера доставија понуди на отворениот повик на ЕЛЕМ за набавка на електрична енергија, за периодот од 1 јануари до 30 април 2009 година. Понудите се на: „Вивит пауер“ од Софија, „РЕ трејдинг“ ЦЕСРО од Прага, РБС „Семпра енерџи“ од Англија, ЕГЛ од Швајцарија, ГЕН-И од Словенија, ЕФТ АГ од Швајцарија, понудата на бугарската НЕК ЕАД , на српската „Руднап груп“ и на чешката „Еспада“.
Од ЕЛЕМ велат дека не можат прецизно да кажат колкаво е вкупното количество струја што е понудено и по колкава просечна цена за мегаватчас струја, бидејќи имало многу различни понуди од компаниите. Некои нуделе малку, некои повеќе струја, некои струја за еден месец, други за два или за повеќе месеци.
Просечната цена на понудената струја изнесува 88 евра за мегават-час, што би значело дека за вкупните количества што ни требаат до крајот на април 2009 година, ЕЛЕМ треба да плати околу 30 милиони евра. При вчерашното отворање на понудите, само ЕФТ АГ од Швајцарија понуди струја за сите четири месеци, односно го понудила речиси целото количество кое го побаруваме со тендерот, 355 илјади мегават-часа електрична енергија. Нејзината понудена цена за мегават-час била и најприфатлива во споредба со другите.
ЕЛЕМ треба за две недели да ги одбере најдобрите понуди и да ги склучи договорите за увоз со компаниите. Ова е прв пат државната компанија да распишува конкурс за увоз на струја. Досега таа улога ја имаше МЕПСО, но со измените на Законот за енергетика, отсега ЕЛЕМ ја презема функцијата и на трговец, не само на производител на струја. „ЕВН Македонија“ ќе ја откупува од ЕЛЕМ целата домашна струја по регулирани цени за потребите на домаќинствата и на фирмите. За тоа веќе е постигнат договор меѓу двете компании, а инаку, во просек, „ЕВН Македонија“ побарува годишно околу 6.000 гигават-часа струја, приближно колку што е вкупното домашно производство. Согласно со законските измени, по регулирани цени ЕЛЕМ ќе му наплатува на „ЕВН Македонија“ само 11 отсто од техничките загуби, а се' што е над овој процент, компанијата ќе го купува по пазарни цени.
Оттаму, останува отворено прашањето дали можеби ЕЛЕМ очекува намалено производство на струја од домашни капацитети штом врши толкав увоз за првите месеци од следната година? Бидејќи, од „ЕВН Македонија“ велат дека нивните побарувања на струја не се поголеми од досегашните. Или, пак, како што му е сега овозможено на ЕЛЕМ со Законот, евентуалните вишоци ќе ги продава на заинтересирани купувачи по пазарни цени?
За споредба, на претходниот тендер за интервентна набавка на струја, за периодот од 16 март - крај на годинава, МЕПСО побаруваше 300 илјади мегават-часа, но увезе помалку, 210.180 мгвч. струја. Просечната цена тогаш изнесуваше 86,12 евра за мегават-час, односно за оваа струја МЕПСО плати 18 милиони евра. Во споредба со набавката на електрична енергија од декември 2007 година, таа цена беше пониска за 5,42 евра. На минатиот тендер во март, понуди доставија девет странски компании, а МЕПСО одлучи струјата да ја купи од четири кои дадоа најповолна понуда: ЕФТ од Швајцарија, „Руднап груп“ од Србија, „Вувуд пауер“ од Бугарија и ГЕН-И од Словенија. |