„Бучим“ го затвора рудникот, дома си одат 500 рудари
Надлежните во „Бучим“ не гледаат друг излез освен клуч на вратата од рудникот
Иван Бојаџиски
Штип - Од Нова година руската компанија „Солвеј“ ќе го прекине производството во „Бучим“, единствениот рудник за бакар во Македонија. Дома си одат 460 рудари, а само осумдесетина вработени ќе останат на работа заради негово одржување. Меѓу нив е и целата чуварска служба, чија задача ќе биде да го чува имотот од можно разграбување се' до евентуално негово ново пуштање во работа. Во меѓувреме, раководството и синдикатот се во постојано заседание. Си зададоа рок до 18 декември, согласно со Колективниот договор, да ги дозавршат преговорите во однос на критериумите околу тоа кои лица ќе останат на работа, а кои ќе си одат дома. Раководството ги почитува правата на рударите кои произлегуваат од Колективниот договор и за сите обезбедува плати за наредните три месеци.
„Како што сега стојат работите, друг излез не гледаме освен да ставиме клуч на вратата од рудникот и да чекаме подобри времиња за бакарот. Денес цената на бакарот на светската берза е најниска во последната деценија и изнесува само 3.150 долари по тон. А се' под 4.000 долари е работа со загуба. ’Солвеј‘ најмногу сака рудникот да работи, бидејќи за него плати 9,1 милион евра и во изминатите четири години вложи инвестиции од над 20 милиони евра. Компанијата не успеа ниту да си ја врати инвестицијата. Не ни останува ништо друго освен да се надеваме дека во блиска иднина бакарот ќе се стабилизира на цена од околу 5.000 долари по што рудникот пак ќе работи“, вели Николајчо Николов, заменик-генерален директор.
Кога „Солвеј“ го презеде овој рудник, цената на бакарот изнесуваше 3.200 долари по тон. Но, Николов вели дека и во такви услови имало мала рентабилност во работата, бидејќи во тоа време трошоците за работа биле за трипати помали од сегашниве. „Правиме напори барем еден ден повеќе да работиме. Но, работењето со загуба нема смисла. Затоа сме исправени пред тешката одлука да го затвориме рудникот, да ги конзервираме машините и да чекаме подобри времиња иако за тоа, на светскиот пазар, барем сега нема никакви најави“, оценува Николов.
Откако почна финансиската, а со неа и ст��панската криза во светската економија и се пренесе на наш, македонски терен, во „Бучим“ беа преземени повеќе мерки за да се намалат нејзините удари. Беше запрено минирањето, дома беа испратени триесет вработени. Рудникот оствари рекордно производство од 8.000 тони за годинава, но и тоа не ги залечува раните што ги нанесува светската криза. Николов тврди дека во „Бучим“ се експлоатира најсиромашна руда во светот со само 0,22 проценти бакар, но дека стручноста, работливоста, економичноста, па и високите цени кои ги имаше бакарот во определен момент придонеле рудникот успешно да работи.
На прашањето може ли нешто тука да спасува државата, Николов вели дека тоа не е можно, дека и државата тука нема моќ позитивно да влијае на нештата. „Ако го затвориме рудникот, што е сосема извесно, веќе од Нова година, на вработените ќе им исплатиме по една плата како испратнина и уште по две плати на име отказен рок кој мораме да го испочитуваме. Менаџментот е свесен дека најдобро решение е рудникот да работи, но за тоа не постои никаква шанса“, тврди Николајчо Николов.
|