ЕДИТОРИЈАЛ
Рушат хотели, „градат“ хотелиерство!?
Веле Митановски
По Скопје и Тетово, Охрид во последниве неколку години е едно од подрачјата со најинтензивна градба на нови станбени единици, деловен простор и апартмани за сместување туристи. Неодамна, Заводот за статистика, како илустрација за градежната експанзија, излезе со официјален податок, според кој, само лани во Охрид биле подигнати 170 станбени објекти, чија вредност се проценува на 355 милиони денари. Локалната самоуправа во Охрид го демантира високиот интензитет, наведувајќи поскромни бројки, 30-ина одобренија за градби во 2010, а една година претходно над стотина.
Каде е тогаш вистината? Најверојатно, во квалитетот на одобренијата, односно градбите. Зад едно одобрение може да стои и само една станбена единица, но можат и стотина. Впечаток е дека Охрид е нападнат од сите страни, дека се гради на секоја педа. Песимистите велат дека градот е веќе потрошен за наредните децении и го вперуваат прстот кон општината од каде функционерите својот успех и опстојување го мерат - според градежништвото.
Хиперпродукцијата на станбени единици во Охрид е толку голема, што цените, на пример, во „Болнички комплекс“, се паднати на 500 евра, во населбата „Расадник“ - 650 евра. Има и локации, каде што цената е многу повисока. Во Прва крајезерска зона во Охрид, просечната цена е 1.500 евра, додека, пак, во екстраелитната зона, под резиденциите и прозорците на шефот на државата (вилата „Билјана“) и на премиерот (на местото на хотелот „Инекс - Парк“) и до 3.000 евра. Тоа е цената што ја знае чаршијата, бидејќи од надлежните места се вели дека и таму продажбата официјално на туристички резиденции и апартмани не оди како што се надевал инвеститорот и дека и тој не можел да продаде, по цена повисока од 2 илјади евра.
Друго е прашањето што се подразбира под туристички резиденции и апартмани, кои се градат под фирмата привремено сместување. Тоа е широка категорија, која се ползува мошне креативно, од резиденции и хотелско сместување, до викенд станови. Времето ќе покаже што урбанистите и инвеститорите - подразбираат под овие термини? Во секој случај, на една поранешна хотелска зона од прва категорија, каде беше сместен еден од синонимите на охридското и македонско хотелиерство, се гради огромен објект, додека пак информациите до кои допираме, велат дека, до него, ќе никнат барем уште два такви!
Дека во Охрид се гради интензивно говори фактот што наспроти Спортскиот центар „Билјанини извори“ е отворено мегаградилиште од новата населба „Охридија“, со десетици станбени згради, практично еден нов помал град. Станува збор за 12 хектари, односно 100 илјади квадратни метри станбен и деловен простор. Ако се пресмета само цената за комуналии (45 евра по квадрат), тоа се 4,5 милиони евра - само за комуналии. Ако пак вкупната квадратура ја помножите со просечни илјада евра по квадрат, само за живеење, без деловен простор, тогаш, навистина, глава боли од силни стотици милиони евра!
Мајтапчиите, деновиве, повторуваат дека секое чудо, е за три дена, па така и непродуктивната и задоцнета дебата(кавга) на релација Охрид - Скопје. За состојбите во туризмот виновни им се скопјани, дури и оние што рушат хотели за на нивно место да подигнуваат станбени комплекси. Парата врти и „каде што бургијата не сака“, како и на оние што тоа го дозволуваат - сеедно дали заседнале во локалните или, пак, државните фотелји. Профитите, сепак, се најважната работа на светот, а оваа мала бура во чаша - ја прават, само за уметнички впечаток и „колку да не се сетат Власите!“
|