Број 3619  петок, 01 јули 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести

Насловна








Site Meter

Замина актерскиот мудрец Кирил Ристоски

По кратко боледување, на 62 години вчера почина големиот македонски актер и педагог, кој зад себе остави брилијантни остварувања

Тина Иванова

Прв пат Дон Кихот го играв пред 30 години. Тоа беше на сцената пред црквата ’Света Софија‘ во Охрид, но сега имам дополнителен предизвик да се ’судрам‘ со овој сложен лик. Во пресрет на премиерата преполн сум со енергија“. Ова беше една од последните изјави на големиот македонски актер Кирил Ристоски, дадена во март годинава за неговата улога во претставата „Дон Кихот од ла Манча“ од Сервантес, во режија на Владо Цветановски.

Актерскиот бард Кирил Ристоски почина вчера во Скопје на 62 години по кратко боледување. Неговото последно задолжение беше функцијата де��ан што ја извршуваше на Факултетот за драмски уметности во Скопје, но беше активен, и како што самиот рече, полн со енергија за сите улоги што ги толкуваше на театарските сцени во Македонија до крајот на животот. Во малку повеќе од една година како декан на ФДУ, во исклучително тешки економски услови, тој успеа да го динамизира факултетот, воведувајќи неколку новитети.

Кирил Ристоски е роден на 14 ноември во 1948 година во Прилеп. Дипломирал на одделот за драмски актери на Вишата музичка школа во Скопје во 1977. По дипломирањето, ќе работи во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, а од 1978 година ќе стане член во Драмата на Македонскиот народен театар. Во 1982 година ја започнува својата педагошка дејност на Факултетот за драмски уметности, во 1988 година е избран за доцент и преминува на ФДУ во редовен работен однос. Во 1993 година е избран за вонреден професор, а од 1998 година и редовен професор.

Она што е значајно, покрај врвните остварувања што направи ги како актер, е неговата педагошка дејност во која длабоко беше нурнат цели 27 години. Под негово менторство се школувале голем број истакнати актери, кои со успех го водат репертоарот речиси во сите театри во Македонија. Во оваа смисла, тој остави длабоки траги.

Но, не можат да се заборават брилијантните улоги што ги оствари во театарот, во филмот и во телевизијата. Тие на број се над 80 во светската и во домашната драматургија и над 20 во светот на филмот и телевизијата. Овие редови се малку да се спомене се' што оствари во текот на својата кариера, но еве само некои од нив: Актерот во „Мангите пијат чај“, Марк Антониј во „Јулиј Цезар“, Киро и Евто во „Лет во место“, Бота во „Среќна нова 49“, Тартиф во „Тартиф“, Дон Кихот во „Дон Кихот“, Спиро Црне во „Спиро Црне“, Колобан во „Колобан“, Просперо во „Бура“, Иванов во „Иванов“, Арсениј во „Арсениј“, Спиро Црне во „Летни Силјане“, Пичем во „Просјачка опера“, Полковникот во „Полковникот птица“, Клавдиј во „Хамлет“, генералот во „Четвртата сестра“, Рос во „Која е Силвија“, С.Т.Верховенски во „Бесови“. Неговиот филмски опус е исто така исклучително богат. Помладите генерации не можат да ги заборават неговите улоги во поновите филмови како „Пред дождот“, „Тетовирање“ и „Тајната книга“, но Кирил Ристоски оствари незаборавни улоги и во „Црвениот коњ“ и „Јазол“, на пример. Покрај учеството во бројни телевизиски проекти, меѓу кои се памети и неговата улога во детската серија „Бушава азбука“, значаен е и неговиот влог во радиодрамите, кои се над двесте.

Десет години беше прв човек на Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Театрологот Ристе Стефановски за него ќе каже: „Бевме заедно во МНТ од 1983 до 1988 година. Во тие години, тој ги постигна најголемите резултати на планот на актерската уметност. Беше еден од столбовите на театарот. Особено голем впечаток остави со улогата во претставата ’Среќна нова 49 година‘. Заедно бевме и во советот на фестивалот ’Војдан Чернодрински‘, но со Кирил соработувавме и на многу други театарски настани. Беше голем актер, голем човек и мислам дека театарот многу загуби со неговото предвремено заминување од овој свет. Имам само убави спомени за него. Многу ми е жал, изгубив добар пријател и добар другар.“

„Заминувањето на Кирил Ристоски е голема загуба за нашиот театар, како и за ФДУ. Имаме многу заеднички остварувања. Ќе го паметиме по многу значајни улоги, иако за него е врзана онаа култната во претставата ’Среќна нова ’49‘. Тој е претставник на таа генерација истакнати актери на т.н. златно време на театарот. Навистина ќе ми недиостига, особено неговата спокојност, неговиот мир. Беше голем другар“, ќе каже неговиот колега, актерот Петар Арсовски.

Театарската критика и публиката се едногласни дека актерската игра на Кирил Ристоски се одликуваше со уверливост и фантазија, со автентична енергија, но и со прекрасно чувство за хумор. Неговата леснотија и едноставност, пак, е препознатлива само за големите актери. Неговите колеги велат дека беше мошне сериозен и високо професионално одреден, „така се однесуваше кон својата работа и тоа го очекуваше од сите други учесници во процесот на креирање на едно дело“. Пример за тоа е што својата последна премиера ја одиграл доаѓајќи од болница директно на сцена.

Кирил Ристоски е добитник на повеќе награди и признанија за актерски остварувања на македонските фестивали и театарски игри, како наградата „Ристо Шишков���, наградата на град Скопје „13 Ноември“, Награда на град Прилеп за животно дело...

Денеска на Факултетот за драмски уметности во 11 часот, ќе се одржи комеморација, а погребот ќе се изврши на гробиштата „Бутел“ во 14 часот.


#
Статијата е прочитана 2251 пати.

Испрати коментар

Од: korektorot
Датум: 01.07.2011 11:36:07
Македонија и ФДУ изгубија Голем Уметник, Педагог и пред се, Човек. Нека му е вечна слава!

Најди! во Утрински
Насловна
Концертот префрлен во СЦ „Борис Трајковски“
Милошоски - дипломатија и татковство
Рокенролот е неуништлив
Атина – ден потоа
Долгот незаприливо расте, каде ќе не' однесе?
Некои го прават тоа поинаку
Груевски и Ахмети не брзаат за ЕУ
Спомениците го заживеаја скопскиот плоштад
Нa oдмор во Тувалу
Настраданиот во Мариово е 37-годишен скопјанец
Рушат хотели, „градат“ хотелиерство!?
Хрватска успешно ги заврши преговорите, во ЕУ во 2013 година
На сончање во Тувалу
Невработените ќе пополнуваат изјава за сини картони
Пост фестум
Убиен црногорски кошаркар при грабеж во Цетиње
Бангладеш го слави Македонецот Илиевски
Уапсен шеф на мафијашкиот клан Корлеоне
Стол
Работнички убедлив, Ренова едвај
НБА лигата и дефинитивно „под клуч“
Полска го презема претседавањето со ЕУ
Обвинението против Строс-Кан пред поништување
Онлајн вести

"""