Косовските власти ја конфискуваа опремата на српски „Телеком“

Не е исклучено предавателите на „Телеком-Србија“, да бидат одземени
Белград - Косовските власти ја конфискуваа опремата на српски „Телеком“ и му ја предадоа на новиот оператор. Исклучувањето и вадењето на телекомуникациската опрема на српскиот оператор во Косово е поврзано со почетокот на преговорите за создавање сопствена косовска телекомуникациска компанија, МВНО, соопштија агенциите.
Според информации на приштинските весници, во преговорите учествуваат Агенцијата за телекомуникации, Поштата на Косово, како и амбасадата на САД.
Според весникот „Коха диторе“, на овој начин косовските власти се стремат да се спасат од конкуренција за нивната компанија, која е во зародиш. Не е исклучено предавателите на „Телеком-Србија“, која веќе поднесе официјален протест, да бидат одземени и неповратно предадени на косовската МВНО, се забележува во статијата на весникот.
Техничари, поддржани од специјални единици на косовската полиција, во неделата ги исклучија предавателите на „Телеком - Србија“, разместени на 17 различни пункта, меѓу кои и Грачаница, Штрпце и Пеќската патријаршија, каде што на 3 октомври ќе се одржи интронизацијата на српскиот патријарх.
Како резултат на оваа постапка на косовските власти, од телефонски врски беа лишени околу 30.000 Срби што живеат во овие реони, а кои сега не можат да ги користат мобилните и статичните телефони, вклучувајќи и за итни повици, а нема пристап ниту до Интернет.
Во практика „Телеком - Србија“ и досега функционираше во Косово само северно од реката Ибар, каде што компактно живеат етнички Срби.
Во две населени места збунетото српско население, сепак, успеа да ги зачува предавателите. Во спонтаните демонстрации учествуваа над 500 лица. Според податоци на косовската полиција, таму се слушнале истрели и експлозии, но нема податоци за настрадани.
Министерот за Косово во српската влада, Горан Богдановиќ, остро ги осуди дејствата на косовските власти, нарекувајќи ги „последна провокација од страна на косовските власти“. (МИА) |