„Шпигел“: Оберман подлабоко вовлечен во аферата во Македонија
Шефот на „Дојче телеком“, Рене Оберман, можеби е подлабоко вовлечен во корупцискиот скандал околу работењето на компанијата во Македонија, отколку што досега се тврдеше, пишува германскиот неделник „Шпигел“.
Весникот наведува дека државното обвинителство во Бон, каде што е и седиштето на германскиот „Телеком“, менаџерите на овој концерн ги товари за тоа што со тогашната македонска Влада преговарале за „некој вид таен договор“.
Со тој договор, наводно, било предвидено плаќање на милионски суми на Владата, доколку обезбеди на македонскиот пазар да не се појави трет провајдер за мобилна телефонија.
Самата содржина на договорот за кој се преговарало, подоцна била избришана од повеќе компјутери во „Телеком“, но властите, како што тврди „Шпигел“, на „Телеком“ му покажале електронски пораки од кои се гледа дека и Оберман би можел да знае за преговорите со македонската Влада и за состојбата со тајните договори.
Досега само се тврдеше дека Оберман во телефонски разговор со шефот на македонски „Телеком“ ја условил исплатата на дивидендата со забавено отворање на телекомуникацискиот пазар за други фирми.
Државното обвинителство во Бон во средината на септември почна истражна постапка против Оберман и уште седум лица поради можни корупциски активности во Македонија и во Црна Гора. (МИА) |