Чадот го однесе Лушков
Медведев му забележa на градоначалникот зашто во август замина на годишен одмор додека московјани се задушуваа во чад
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Јуриј Михајлович Лушков (74) од вчера не е градоначалник на Москва. По 18 години извршување на таа функција Лушков со указ е сменет од рускиот претседател Дмитриј Медведев, со образложение дека ја изгубил довербата на претседателот. На Лушков во Кремљ пред десет дена му беше предложено самиот да напише „доброволна оставка“, но тој не го направи тоа. Се надеваше дека ќе го спаси јавната поддршка на еден дел од московската интелигенција. Додека претседателот Медведев беше во Шангај, прес-службата на Кремљ вчера, околу осум часот, соопшти дека претседателот на државата го сменил Лушков. Градоначалникот за својата смена дозна пред осум часот утрото на своето работно место.
Медведев за вршител на должноста градоначалник на Москва го именуваше досегашниот заменик на Лушков, Владимир Ресен (74). На Лушков мандатот му истекуваше кон средината на следната година.
Наводно, на Лушков му е понудена варијанта по доброволното заминување да биде раководител на компанијата „Олимпстрој“, која се занимава со изградба на објекти за Зимската олимпијада во Сочи.
Раководството на владејачката партија Единствена Русија ја поддржа смената на Лушков, кој „поради своите грешки“ ја изгуби довербата на претседателот Медведев. Медведев го информираше раководството на Единствена Русија дека има намера да го смени Лушков на 23 септември, додека градоначалникот се наоѓаше на одмор во Австрија.
Првата јавна кавга меѓу Медведев и Лушков се случи неодамна, кога претседателот му забележи на градоначалникот што во август замина на годишен одмор, додека граѓаните на Москва се задушуваа во чад. Потоа Медведев му забележи на Лушков што и' помага на компанијата „Итера“, чиј сопственик е неговата сопруга Јелена Батурина, да ги добива најатрактивните локации за изградба.
Јуриј Лушков навистина „замина со чад“, но на крај политичката кариера му ја загорчи амбициозната сопруга. Тој или не го забележуваше тоа или се правеше дека не разбира за што зборуваат другите, па изјави оти тој и' пречи на многу способната Јелена, која би била уште побогата ако не била сопруга на градоначалник.
За тоа како Јелена Батурина го користи авторитетот на својот сопруг Јуриј Лушков и така без труд заработува големи суми, минатото лето прв прозборе Шалва Чигирински (61), бизнисмен, кој побегна во Лондон. Евреинот од Грузија, Шалва Чигирински, е несуден лекар кој во времето на СССР бил казнуван поради шверц, а потоа имигрирал во Германија. Таму и во Шпанија заработил нешто пари, па по распаѓањето на СССР повторно дошол во Москва. Патем речено, „Форбс“ во 2008 година неговиот имот го оцени на 2,3 милијарди долари. Неговиот адвокат пред судот во Лондон рече дека половина од бизнисот на Чигирински и' припаѓа на Јелена Батурина, сопственичка на компанијата „Интеко“. За ова на 14 јули 2009 година, на првата страница како ударен текст пишуваше „Ведомости“, московски дневен весник за деловни луѓе што излегува во соработка со „Волстрит џурнал“ и „Фајненшл тајмс“. Тогаш немаше никакви јавни реакции во Кремљ, ниту во руската влада. Адвокатот Кристофер Грисон своето кажување го објави во „Фајненшл тајмс“. Тој тврдеше дека Шалва Чигирински и Јелена Батурина станале партнери во 1999 година.
Чигирински тврди дека сфатил оти своите проекти во нафтениот бизнис и во градежништвото не може да ги развива во Москва без поддршка од Јелена Батурина. Суштината на партнерските односи била во тоа што Чигирински ги финансирал сите свои проекти, а Батурина се обврзала тој да нема никакви бирократски пречки во Москва. Не е случајно тоа што токму во 1999 година Чигирински станува партнер на градот Москва во нафтениот бизнис. Раководството на градот во февруари таа година одлучи да формира московска нафтена компанија, под чија контрола дојде големата московска рафинерија. Акционери на московската нафтена компанија требаше да бидат „Евихон“, потоа „Јурганнефт“ и „Сибир енерџи“, чии активи ги контролираше Шалва Чигирински. Токму тогаш Батурина му помогна на Чигирински да ја земе под контрола московската рафинерија.
Батурина и Чигирински се договорија да го делат профитот на половина. Чигирински им раскажал на своите адвокати дека тој го плаќал и личниот авион што го користела Батурина. На почетокот Батурина и Чигирински соработуваа на збор, но подоцна таа инсистираше, сепак, да се потпише договор. Тоа беше направено во 2003 година. Чигирински се согласи да и' предаде половина од своите активи. Тогаш б��а формирани две компании „Росини трејд лимитед“ и „Салвини трејдинг корп“, чии сопственици по половина беа Батурина и Чигирински. Затоа Батурина ја сметаа и за косопственик на „Сибир енерџик“.
Кога „Фајненшл тајмс“ го објави спомнатиот текст Јелена Батурина побрза да ги демантира тврдењата дека зела од Чигирински дел од сопственоста. Се бранеше со тоа дека таа нему му давала пари на заем. Компанијата „Шеридан“, чиј сопственик е Батурина, навистина во 2007 година му зајми на Чигирински 131 милион долари. Тој за една година врати поголем дел од сумата и остана должен уште 42 милиона долари. Јелена тврди дека многупати се обидела од Чигирински да добие пари, но тој се правдал дека нема, бидејќи го ограбиле европските банки.
Судирот се случи затоа што партнерите Чигирински и Батурина почнаа да бележат загуби во бизнисот со недвижен имот, па Чигирински зборуваше дека треба да се види кој кому му е должен.
Деловниот тандем Чигирински - Батурина добиваше бизниси на тендери и кога други имаа значително подобри понуди. Само за пример, тие се форсирани да ја добијат изградбата на два хотела во најстрогиот центар на градот недалеку од ѕидините на Кремљ. Урнат е големиот хотел „Москва“, кој беше во добра состојба и со замена на инсталацијата и козметички ремонт можеше да служи и во наредните сто години. Освен тоа, урнат е и најголемиот московски хотел „Русија“, кој имаше 6.000 места и беше изграден во времето на Хрушчов. Кога Чигирински побегна прво во САД, а потоа во Лондон, во центарот на Москва остана урнатина што со години се расчистуваше. Јасно е дека без поддршката на Лушков, Чигирински и неговата партнерка не би можеле да ги добијат тие работи.
За тоа и за другите бизниси со огорченост зборуваа многу граѓани на Москва, но во Кремљ молчеа, сметајќи дека имаат и поважни работи од смената на Лушков. „Лушков и' направи голема штета на архитектурата на Москва, бидејќи не ги слушаше експертите сметајќи дека секогаш е во право“, изјави вчера познатиот режисер Павел Лунгин, додавајќи дека сега веќе поранешниот градоначалник ја огрди Москва градејќи на секој чекор стаклени деловни центри што не се вклопуваат во древната архитектура на центарот на Русија. |