Најдобрите слики треба да ми останат тука
Голема ретроспективна изложба на Глигор Чемерски се отвора утревечер во Даут-пашиниот амам и во Чифте-амам
Катерина Богоева
„Колку и да е убаво чу��ството дека моето сликарство живее и во други европски и прекуокеански простори, во период сум кога мислам дека најдоброто што сум го насликал треба да остане тука, во Македонија. Сите тие земји имаат свои сликари, колекционираат свои сликари, убаво е да видите дека ве третираат како еден од врвните во тамошната средина, меѓутоа мислам дека сликарството треба да живее таму каде што сликарот ја дели судбината со луѓето што му се блиски, што ги сака и со народот на кој му припаѓа“ - рече вчера сликарот Глигор Чемерски, во Националната галерија Даут-пашин амам, опкружен со голем дел од вкупно 250 слики и дел од репродукциите на мозаиците што ги создавал во изминатите 50 години.
Во овој изложбен простор утревечер во 19,30 часот. како и во галеријата Чифте амам во 21,30 часот ќе биде отворена неговата голема ретроспективна - монографска изложба, за која текстот го напиша долгогодишниот проучувач на неговото творештво, ликовниот критичар, Златко Теодосиевски.
Чемерски деновиве изгледаше исцрпено поради големината на зафатот на публиката да и презентира дел од она што го создавал половина век (но и пет години пред тоа). Укажа дека по овој повод од странство, од Вилмингтон Северна Каролина, САД успеал да врати 10-ина дела во своја сопственост, кои биле создадени и изложувани таму.
„Комплицирана и скапа работа особено во ова време е да ги бараме и останатите мои дела за да бидат донесени за изложбата. Нашите галерии и институции немаат доволно средства за тоа, а од друга страна, процедурата е навистина комплицирана. Златко Теодосиевски беше долго време со мене во ателјето, така што заедно и откривавме некои мои дела од изложби досега неизложувани овде. Се покажа дека каде и да сум бил, сликарството ми станувало биографија, некогаш дневна, некогаш ноќна, некогаш деноноќна, а тоа е и неговата привилегија. Со тоа што ти го покажува сликарството ти се обновува и меморијата. Веднаш ти се јавува околината, луѓето со кои си комуницирал, музеите што си гледал, изложбите што си ги правел итн., така што и во таа смисла оваа голема изложба сега за мене е многу полезна.
Бидејќи е голема, нормално е дека оптоварува и психички и физички, но се надевам дека како и обично по отворањето тоа ќе се заборави. Се преспива, и натаму те очекуваат новите слики“.
Говорејќи за големиот предизвик да ги освои со една изложба двата монументални галериски простора на Националната галерија, кои во изминатиот период добиваат повторно на актуелност, сликарот откри дека за галеријата Даут-пашин амам не го врзува само тоа што двапати досега го исполнил со изложби (1986 и 1998 година), туку еден постар сентимент, во него го запознал Никола Мартиноски.
„Како млад, бев еден од секојдневните гости на галеријата, а тој тогаш беше нејзин директор. Еднаш дојдов заедно со Петар Мазев, кој тука ме запозна со него“.
Во Даут-пашин амам ќе бидат изложени дела од раната творечка фаза на Чемерски, од 60-тите и во 70-тите години на минатиот век, како и репродукции на мозаиците од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, речиси во природна големина.
„Беше важно да се спои тој ран период со мозаиците „Македонија“ - светла земја и „Македонија -земјата памети“. Изложени се голем дел од сликите од таа рана фаза, од мојата прва самостојна изложба во Коларчев универзитет во Белград во 1965 година, која истата година беше изложена и во КИЦ во Скопје, во организација на Музејот на современа уметност. Таа изложба ми ја определи и понатамошната ориентација.
Сега по педесет години, во иста сала со репродукциите на мозаикот се среќаваат и три значајни слики од раниот период: „Будење на каменот“, „ Румено стебло “ и „Чувар на гнездо“. Се гледа колку се слични по некој сензибилитет со мозаиците, по некоја душа, по некој флуид“.
Во галеријата Чифте амам освен сликите создавани од периодот на 70 години на минатиот век до денеска, ќе бидат изложени и два големи формати на репродукции од мозаиците на „Споменикот на слободата“ во Кочани, но и материјали од подготовките, студии, скици на истата тема. Глигор Чемерски дури 80 проценти од нив ќе изложи по прв пат. „Нешто од тие студии било понекогаш изложувано, при некоја изложба, но многу ретко. На нив се гледа целата процедура на изработка на мозаикот, тоа се еден вид скалила на качување до големиот формат и до дефинитивната ликовна реализација“. |