Поглед
Битки за вода
Снежана Калабакова
Поради глобалното затоплување во иднина водата ќе биде ресурс за кој ќе се водат битки, а не нафтата - често знаат да речат експертите за климатски промени. А кај нас битки за вода одамна се водат, во моментов актуелна е во скопска Патишка Река. Жителите со години не сакаат да ја дадат водата од планинските извори, од кои преку изградба на локален водовод ќе може да се снабдуваат жедните села од општината Сопиште.
На многумина се' уште им е во свежо сеќавање битката за вода на селата Вевчани и Октиси. Сега на дневен ред се жителите од Патишка Река. Тие категорично застанаа против изградбата на водоводот, чија примарна фаза се реализира под силно полициско обезбедување.
Случајниот патник кој ќе тргне кон ова село задолжително ќе биде легитимиран и бидејќи ќе мине крај бројни полициски патроли ќе има чувство како да влегол во воена зона. Под будно око на полицијата секојдневно се наоѓаат сите жители и токму тоа кај нив создава уште поголем револт. Тие не кријат дека ако биде потребно водата ќе ја бранат и со своите животи, но предупредуваат дека не сакаат никој да пие крвава вода.
Разочарани се од институциите на системот, но истовремено од нив бараат спас и решавање на проблемот. За водата не зборуваат како за природно богатство, туку како за нивна приватна сопственост. Не им веруваат ниту на домашните ниту на странските експертизи што покажуваат дека со изградбата на водоводот нема да останат без вода и оти тој се гради за општо добро.
Кој и како да ги убеди во сето тоа. Имаат ли институциите сенс да ја измерат тежината на проблемот и ќе го направат ли вистинскиот чекор за да не дојде до крвопролевање. Ќе создадат ли услови водоводот да се гради без отпор и на општо задоволство на сите? |