19.04.2013, 19:46 Притвор за Слободан Богоевски
Тројцата осомничени за купување државно земјиште изјавиле пред истражен судија дека се' било легално и со знаење на власта
Љубиша Станковиќ
Поранешниот прв контраразузнавач Слободан Богоевски, како и скопските адвокати Васко Томановиќ и Владимир Пешликоски завршија во затворот „Скопје“ каде што ќе ја издржуваат мерката притвор, која им беше одредена по распитот кај истражен судија.
Притвор во отсуство е изречен и за недостапниот Ален Јегени, како и за словенечкиот државјанин Митја Валич за што е известена и амбасадата на Словенија во земјава. Само за осомничената Даниела Трајковска судот одредил превентивна мерка - одземање патна исправа и редовно јавување во судот.
„До судот беше доставено негативно мислење на Адвокатската комора на Македонија по однос на мерката притвор. Јавниот обвинител ги повлече предлогот за притвор по однос на кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување, но остана на предлогот за притвор за делото перење пари. Судот го прифати овој предлог поради тоа што материјалните докази упатуваа на извршување на ова кривично дело и поради тоа во овој случај адвокатите не се јавуваат како вршители на адвокатска дејност, туку како посредници и сопственици на правни лица“, велат од Основен суд Скопје 1.
Од Кривичниот суд потврдуваат дека притворот бил одреден по две точки, односно поради можноста да се дадат во бегство и поради евентуално влијание врз сведоци, но не и поради опасноста да го повторат делото.
Во поглед на приведувањето на двајцата адвокати судот потврдува дека тоа било сторено со нивна наредба и дека за тоа постои службена белешка, а дека во конкретниот случај судот немал обврска да побара мислење од Адвокатската комора, бидејќи делото било сторено надвор од дејноста што тие ја извршувале.
„Постојат одредени сознанија кои упатуваат на тоа дека осомничените влијаеле на некои прави и физички лица, а се' со цел да дојде до реализација на спогодбата“, појаснуваат од судот, во однос на притворот за адвокатите.
Според непотврдени сознанија, Слободан Богоевски и адвокатите дале одбрана пред истражниот судија и не го користеле правото да се бранат со молчење. Според истите сознанија, Богоевски потврдил дека ги примил спорните 28.670.000 денари, или половина милион евра. Тој, наводно, пред истражниот судија кажал дека за неговото посредување барал многу повеќе пари и дека со неговата успешно завршена работа биле запознаени и двајца министри, а дека потоа, наводно, имало и мала прослава во Владата.
Одбраната на осомничените е на мислење дека нема ништо спорно и незаконски во тоа што адвокатите се јавиле како сопственици на фирми. Тие тврдат дека во случајот со купопродажба на плац кај СЦ „Борис Трајковски“ никој не се јавува како оштетен, а државата освен што се спасила од меѓународна арбитража, успеала да го сочува и предметното земјиште.
„Како е можно да постои перење пари кога трансферот е легален. Самиот Пешлокоски објаснуваше пред истражниот судија колку е тежок ’Меркатор’ и колку е тешко од нив да се земат пари. Конечно, уплатените средства на ’Меркатор’ оделе преку Народна банка на Словенија преку Народна банка на Македонија за на крајот да завршат во НЛБ Тутунска банка. Како е можно да постои перење пари кога парите минале на најлегален начин и кога никој во приказнава не се произнел дека е измамен?“, вели еден од бранителите на осомничените. Тој појаснува дека два дена пред приведувањето на двајцата адвокатите во нивните канцеларии дошле истражители кои ја побарале комплетната документација за случајот и дека тие тоа го испочитувале без притоа да побараат асистенција од Адвокатската комора.
За одбраната е нејасно како е можно за случајот кој се одиграл во март 2009 година да се поведува постапка по цели четири години, а за спорните средства државата да си го наплати данокот вреден десетици илјади евра.
Според наши сознанија, за купувањето на плацот со површина од 19.000 квадратни метри еднаш веќе се водела интерна истрага во која, наводно, биле применети и посебни истражни мерки, но дека по неколкумесечно следење не било утврдено ништо што било во спротивност со законот. |