И на „Фејсбук“ се протестира поради полициската бруталност
„Нашата тага е вашето насилство“, „Борете се против нивните лаги“, се дел од илјадниците коментари на социјалните мрежи
Жаклина Ѓорѓевиќ
„Нашата тага е вашето насилство, нашиот гнев е копнежот за демократија. Немојте нам да ни ја препишувате вашата омилена стратегија. Барајте ги насилниците во вашите редови, свртете се околу вас, таму ќе ги пронајдете“, стои во писмото адресирано до помошник-министерот во МВР, Иво Котевски, а на кое е потпишан Славчо Димитров, поборник за човекови права, во врска со убиството на младото момче на плоштадот. Писмото следува како реакција на изјавата на Котевски, кој според Димитров, сакал протестантите да ги прикаже како насилници.
По масовните протести што се одржаа во претходните два дена, собир беше најавен и за синоќа, а организирањето повторно беше преку социјалните мрежи. На интернет во текот на денот вриеше од разни коментари со кои невладини организации и поединци бараа одговорност од надлежните во МВР и оставки.
Социјалните мрежи вчера постојано се освежуваа со нови коментари од типот: „Протестирам за цивилизирана, правна држава - без државно прикривање убиства!“, потоа „Борете се против нивните упорни лаги! Човекот што го одбрал насилството како метод, мора да ја користи лагата како принцип“, „Партиските книшки во фиока - разумот на плоштад“... Од час во час постојано се менуваа коментарите на „Твитер“ и на „Фејсбук“.
Во писмото што циркулираше на социјалните мрежи, Димитров му се обраќа на Котевски со зборовите: „Ние знаеме дека ве загрижува, дека ве плаши оваа самоорганизирана група граѓани. Знаеме дека ве плаши фактот што гледате дека граѓаните, конечно, ослободени од хиерархизираните модели на наредби и дисциплина, се собираат и ја практикуваат демократијата. Знаеме дека оваа маса од енергија, од демократски флуид надвор од стандардните партиски митинзи и распрскани протести, надвор од методите на страв, ги растоварува темелите на Вашиот монопол и злоупотреба на сила“. Димитров бара од Котевски, како што вели, да покаже „барем трошка почит кон граѓаните“ и кон нивната ожалостеност и револт. Тој му порачува на помошник-министерот дека не се работи за група насилници ниту, пак, дека некој повикувал на насилство.
„Господине Котевски, додека вашите пријатели безобѕирно и игнорантно фрлаат лопати за темелници на виртуелни села, некој фрла лопати за гроб, за реална смрт што не може да ја прекрие и да ја надмине никаков идеал на вашиот национализам и изумрена историја“ му порачува Димитров на Котевски кој го повикува да се придружи на протестантите. Истовремено, му се обраќа со зборовите дека потклекнале пред демократијата.
Првично барањата на протестантите беа три: итно распуштање на специјалната единица „Алфи“; лична одговорност на сторителот на убиството и неговите претпоставени, како и овозможување надворешна контрола над работата на полицајците. На овие барања се приклучи со свој коментар и Мирјана Најчевска, експерт за човекови права. Таа на социјалните мрежи напиша дека случајот на Мартин нема да се расчисти се' додека не биде осуден полицаецот, потоа да се поведе постапка против сите по основа на одговорност, вклучувајќи оставка на министерката за внатрешни работи и одговорност од нејзиниот помошник Иво Котевски поради, како што се вели, „мамење и ширење лажни информации“. Меѓу седумте точки што ги наведува како услов стои и тоа дека треба да се казнат лекарите што првично утврдиле дека нема знаци на насилство, како и да се распуштат сите посебни единици „што излегуваат надвор од рамките на Законот за полиција“.
Претседателот на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Осман Кадриу, кој завчера присуствуваше на протестите, демантира дека протестантите биле насилници. „Сакаме да се утврди одговорност. Треба да се утврди одговорноста зошто органот молчел, а станува збор за сторител што е службено лице. За посебните видови одговорност, нема да се произнесеме дали станува збор за кривична или прекршочна одговорност. Политичката одговорност е неминовна, а во рамките на институциите на системот се должни да се утврди во сите тие однесувања дали има елементи на други форми на одговорност“, дециден е Кадриу.
Одговорност од институциите вчера побараа и од Младинскиот образовен форум, кој побараа санкционирање на сторителите и разрешница на случајот.
Се плашат да се пожалат
Во коалицијата „Сите за правично судење“, која има петгодишен проект за повреда на правата при полициско постапување, досега се евидентирани 346 случаи. За сите случаи, коалицијата обезбедува бесплатна правна помош и бесплатно обезбедување лекарска документација. Во 2010 година биле пријавени 36 случаи, од кои најмногу биле за прекумерна употреба на сила, а имало и за понижувачко однесување, брутално однесување, како и за тешки телесни повреди.
„Граѓаните се одвраќаат од пријавување такви настани во МВР делумно и затоа што во определен број од случаите веднаш по пријавувањето на настанот следува определна контрапријава кривична или прекршочна“, велат во коалицијата.
Во Хелсиншкиот комитет, пак, на годишно ниво се пријавуваат над 10-15 подрастични случаи за однесувањето на полицијата. Главно, тие се однесуваат за повреди на правата при приведување. (Ж.Ѓ.) |