Новиот руски ракетен систем „С-400“ веќе ја чува Москва
За разлика од „С-300“, важните делови се произведуваа во Украина, „С-400“ во целост е руски
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Новиот руски ракетен систем „С-400“ кој првпат беше покажан на парадата на Црвениот плоштад предизвика огромно внимание не само кај руската, туку и кај светската јавност. На огромно возило што го покажа се наоѓаше „С-400“, а не макета. Тој е симнат од боевото дежурство од Подмосковјето за да мине покрај древните ѕидишта на Кремљ. Љубопитноста на оние кои се занимаваат со воена техника е разбирлива, бидејќи на тој систем денес му нема рамен во светот. Руските ракетни конструктори и генерали со гордост тврдат дека рускиот „С-400“ во се' е посупериорен од многу фалениот и рекламиран американски „Патриот“. За разлика од „С-300“, чиј радар и многу од важните делови се произведуваа во Украина, „С-400“ во целост е руски производ.
Првите дивизиони на „С-400“ веќе ги добија ПВО-единиците во Подмосковјето и во блиска иднина тој најсовремен воздушен воин против непријателските ракети и авиони ќе го замени познатиот „С-300“, кој во советско време беше направен да го штити главниот град на СССР. Најновите ракетни комплекси „С-400 триумф“ ги направи познатото конструкторско-производствено биро „Алмаз“. Кога Москва ќе се опкружи со системите „С-400“, тие системи ќе почнат да пристигнуваат на боеви дежурства и во други делови на Русија. Веќе е најавено дека небото над Сочи во време на одржувањето на Зимската олимпијада во 2014 година ќе биде чувано од „С-400“.
Најугледните експерти и генерали на единиците за специјални задачи тврдат дека сите досегашни испитувања на „С-400“ покажале одлични резултати. Тој сега е единствен систем кој може ефикасно на големо растојание да соборува суперсонични авиони, како и балистички ракети.
Генерал-полковникот Виктор Јесин, поранешен началник на главниот штаб на Ракетните единици од стратегиско значење, објаснува дека „С-400“ ќе биде поврзан со заеднички радарски систем кој ќе ги добива информациите од големите радарски станици што се наоѓаат во Габала (Азербејџан), потоа во Ленинградската област, а следната година ќе почне да работи и во Армавир на југ од Русија.
Највисоките руски раководители беа многу задоволни кога гледаа како на полигонот Капусти Јар на југот од Русија „С-400“ истовремено гаѓа две цели. Првиот леташе со брзина од 2.800 метри во секунди. Вториот беше балистичка ракета на висина од 56 километри. И двете цели беа погодени. За разлика од познатиот „С-300“, кој истовремено можеше да гаѓа шест цели, „С-400“ може да гаѓа двојно повеќе. Радиусот на модернизираните „С-300“ беше околу 200 километри, а на „С-400“ двојно повеќе. По надворешниот изглед „С-300“ и „С-400“, воопшто, не се разликуваат. Не е тајна дека за користење на споменатите системи треба голема и темелна обука и тие можат да бидат користени само од одлично обучени специјалисти.
За време на постоењето на СССР, за сопствени потреби беа произведени околу сто дивизиони „С-300“ од разни типови. На боево дежурство од тие советски „залихи“ во сегашна Русија останаа помалку од половина.
Замената на системот „С-300“ со „С-400 триумф“ почна во близина на градот Електростаљ во Подмосковјето. Таму веќе минатата година пристигнаа два дивизиона, а потоа ќе се направи прстен околу Москва. Годишно на боево дежурство би требало да доаѓаат по два полка „С-400“. Се планира во блиска иднина Русија да произведе „С-400“ за 35 полка. Јасно е дека се' ќе зависи од воениот буџет, ако има повеќе пари и „С-400“ побрзо ќе се произведува.
Интересна е историјата за правење на системите „С-400“. Централното конструкторско биро „Алмаз“ во советско време доби задача да направи систем кој ефикасно ќе може да и' се спротивстави на американската стратегиска авијација. Тимот на академикот Борис Буњкин правеше систем на кој според карактеристиките му немаше рамен во светот. Тој требаше да гаѓа на растојание од 400 километри и да соборува објекти на висина од 30 километри. Советските генерали имаа намера да ги распоредат системите „С-400“ на северните граници за на тој начин да се заштити територијата од американските авиони и крилести ракети.
Кога почнаа проблемите со финансирањето, се' сопре, а потоа беше реорганизирано КБ „Алмаз“. Минаа години, а потоа тој проект му беше даден на тимот на академикот Венјамин Јефремов. Руските генерали по втората војна во Ирак направија корекција на задачите за тимот на академикот Јефремов. Од нив се бараше да се направи систем кој ќе ги „лови“ крилестите ракети, но и оние поопасните, балистичките. За да се направи „С-400“ беше потребна нова ракета, на која почна да работи Конструкторско��о биро „Факел“. И сега кога „С-400“ стапи на боево дежурство, руските генерали инсистираат да се направи уште помодерна ракета. Паралелно ќе се модернизира и компјутерскиот „мозок“ на системи.
Да потсетиме дека Русија им понуди на САД и на Европа заеднички да направат ПВО-заштита, а база на одбраната би можеле да бидат системите „С-400“. Раководителите на руските Воено-воздушни сили категорично тврдат дека денес нема подобра заштита од системите „С-400“ и дека тоа што сакаат Американците да го направат е неспоредливо поскапо, а колку ќе биде ефикасно допрва треба да се види. Разбирливо е тоа што Американците сега ги одбиваат руските предлози, бидејќи би морале да признаат дека Русите направиле систем, кој е подобар од сите нивни. Ниту военото индустриско лоби во Америка не сака да го признае тој факт, бидејќи на нова техника се заработуваат милијарди долари.
Споредба со американскиот „Патриот“
Во споредба со „С-400“, голема слабост на американскиот „Патриот“ е што тој не е способен ефикасно да ги сопира ракетите од среден дострел „Скад“ со кои се вооружени земјите од кои според американски процени се заканува опасност. „Скадовите“, т.е. старите советски ракети „Р-17“, меѓу останатите земји, ги има и Иран.
Освен тоа, „С-400“ може да уништи цел која лета на мали височини, дури на 10 метри. „Патриот“ може да соборува цели кои најниско летаат на 60 метри. „С-400“ може да лансира од осум до 12 ракети, а „Патриот“ од четири до осум. Најновите руски системи се ефикасни до 400 километри, а „Патриот“ до 30 километри.
Воените експерти паметат дека за време на „Пустинска луња“ во 1991 година во Ирак, „патриотите“ успеаја да соборат само 46 од 133 модернизираните „скадови“.
„С-400“ за извоз
Во желба да го заштитат своето небо, комплексот „С-400“ веќе сакаше да го купи кралот на Јордан, Абдула Втори, а потоа и раководството на Иран и Арапските Емирати. Генералниот директор на Конструкторското биро „Армаз“, Игор Ашурбели, вели дека очекува оти Русија во блиска иднина ќе почне да ги извезува ракетните системи „С-400“. „Постојано работиме на нови системи, па е логично дека и „С-400“ како одбранбен систем да им се нуди на земјите кои сакаат да го купат“, вели Игор Ашурбели. Колкава ќе биде цената на „С-400“ засега во Москва никој не кажува. |