Авганистан бара да сопрат воздушните напади
Барањето на Карзаи отфрлено од советникот за безбедност во Белата куќа
КАБУЛ - Претседателот на Авганистан, Хамид Карзаи, е „многу сериозен“ околу барањата до странските сили во Авганистан да ги сопрат воздушните напади, иако тоа беше одбиено од висок американски официјален претставник на безбедноста, изјави вчера неговиот портпарол. Авганистанците се гневни поради бомбардирањето на две села во провинцијата Западен Фарах за време на минатонеделната операција за извлекување, кога беа погодени куќи полни со цивили. Карзаи, кој преку американската телевизија им порача да ги сопрат сите воздушни напади, посочи дека бројката на загинати изнесува 130 лица. Ако биде потврдена оваа бројка, тоа ќе биде најголем ваков случај кога западните сили убиле цивили од нивната инвазија на земјата во 2001 година.
Неговото барање беше отфрлено од страна на советникот за национална безбедност во Белата куќа, Џејмс Џонс, кој изјави дека од САД не може да се очекува да се борат „со една рака врзана на грб“. Меѓутоа, проблемот кој веќе ги „труе“ односите меѓу Вашингтон и Кабул би можел да стане уште потоксичен, бидејќи тимот на Карзаи не покажува знаци на повлекување од нивното барање за ставање крај на нападите за кои тие посочуваат дека го поткопуваат легитимитетот на власта.
„Бараме комплетно сопирање на бомбардирањата на нашите села... и сме многу сериозни во врска со тоа“, изјави портпаролот на претседателот Сијмак Херави, одговарајќи на прашањето да ги коментира изјавите на Џонс. „Тие се нож со две сечила со кој меѓународната заедница се повредува себеси, но и авганистанскиот народ“, додаде тој.
Генералот Дејвид Патреус, кој како командант на Американската централна команда ги надгледува воените операции во Авганистан, изјави дека именувал бригаден генерал да ги разгледа случаите на употреба на напади од воздух. Патреус изјави дека од голема важност е да се осигура „дека нашите тактички акции не ги минираат нашите стратегиски цели“. (Ројтерс) |