Парламентот на Исланд да се изјасни за членство во ЕУ
РЕЈКЈАВИК - Новата премиерка на Исланд, Јохана Сигурдардотир, изјави дека нејзината влада ќе побара парламентарно изјаснување за членство во Европската унија. Таа наведе дека е убедена оти гласањето ќе биде позитивно, иако нејзините коалициони партнери се противат на тоа. Сигурдардотир беше избрана минатиот месец по бранот незадоволство заради поразителната состојба во економијата во Исланд.
Исланѓаните се традиционално евроскептици, меѓутоа, поддршката за приклучување во европското семејство се зголеми по минатогодишната криза во банкарскиот сектор. „Има парламентарно мнозинство за разговори за членство во ЕУ“, изјави таа на прес-конференција. „Апликацијата треба да биде испратена до Брисел не подоцна до јули“. Сигурдардотир истакна дека законскиот предлог со кој се овластуваат разговори за прием во ЕУ ќе биде презентиран кога исландскиот парламент в петок ќе продолжи со работа. (Би-Би-Си) |