23.07.2012, 18:28 Сириja се закани со хемиско оружје
Дамаск - Сирија ќе употреби хемиско оружје само во случај на странска агресија, изјави портпаролот на сириското Министерство за надворешни работи Џихад Макдиси, цитиран од светските агенции.
„Никакво хемиско или неконвенционално оружје нема да се употреби против нашите сопствени граѓани. Овие оружја ќе се употребат само во случај на странска агресија. Тие никогаш нема да се употребат против нашите граѓани, без разлика каков тек или развој ќе добие кризата“, изјави Макдиси на прес-конференција во Дамаск.
„Овие оружја се складирани и чувани под надзор на вооружените сили и ќе се употребат само ако Сирија биде исправена пред надворешна агресија“, повтори портпаролот.
Белата куќа неодамна го предупреди Дамаск дека на режимот на Башар Асад ќе му биде побарана одговорност доколку не ја гарантира безбедноста на сирискиот арсенал од хемиско оружје. |