23.07.2012, 18:26 Грчката влада ќе има работно лето
Поради присуството на претставници на „тројката“, грчките министри летово ќе останат подалеку од грчките плажи
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Тројката и грчката влада повторно седнуваат на маса да разговараат за напредокот и иднината за финансиската ситуација во Грција. Претставниците на ММФ, ЕУ и ЕЦБ и грчките министри годинава ќе останат неисончани, со цел да се справат со кризата која премиерот Адонис Самарас, на средба со поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон, ја спореди со Големата депресија. Според првичните проценки, се очекува на оваа втора средба со грчката влада, со тројката што денес пристигна во Атина да ги претстави нејзините оценки за 2012, да ги постави темите и условит за преговорите со грчката влада и да ги предложи мерките кои смета дека се неопходни за следниот период. Наводно, грчката влада во очите на тројката се' уште не е подготвена за започнување на преговорите и се очекува дека тројката и грчката влада првпат ќе седнат на преговарачката маса за нови мерки кон крајот на август. Грчката влада паралелно го подготвува теренот за преговори со тројката за одложување на периодот за фискално приспособување на државата според планот за штедење. Трипартиската влада составена од десничарите Нова демократија, социјалистите ПАСОК и левичарите Демократска левица на новите средби со тројката тргнува со ставот дека Грција е спремна да ги исполни реформите и обврските кои ги има преземено со планот за штедење и договорот за грчкиот заем. Се очекува една од главните работи за кои ќе дискутира владата со тројката да биде приватизацијата на државните компании и државниот имот.
Планот на владата е да почне со презентирање на позитивен дух за работа и исполнување на обврските за потоа да има простор за преговори за промена на некои мерки. Според тоа, како што пренесуваат грчките медиуми се очекува новиот министер за финансии да ја дочека тројката подготвен да разговараат за две главни работи, односно мерките во износ од 3 милијарди евра кои треба да се спроведат во текот на годината и план за заштеда на дополнителни 11,5 милијарди евра во следните две години, план на кој активно се работеше изминатите десетина дена. Грчкиот весник „Нафтемборики“ пренесува дека доколку владата го помине сегашниот тест со тројката, тогаш би можеле кон крајот на август да започнат со туркање на она што беше предизборна агенда на владејачката Нова демократија, односно преговарање со тројката за релаксирање на времето и условите за исполнување на обврските за штедење. „Токму поради ова премиерот има побарано од сите министри, кои ќе се сретнат со претставниците на тројката, да покажат дека се спремни да одговорат на секое прашање и категорично да нагласат дека се спремни брзо да продолжат со спроведување на реформите“, истакнува весникот.
Паралелно со подготвувањето за битка со тројката, се одвива и проверката на даночните затајувачи. Иако народот се' уште чека да ги види на тапет сите големи имиња, до сега од чешлањето на даночните пријави на правниците пензионери се покажало дека речиси 3.000 пензионирани адвокати не поднеле даночни пријави или пак пријавиле дека примаат помала пензија од вистинскиот износ. Проверката на 18.951 пензионирани правници покажало дека 3,4 отсто од нив ни поднеле даночна пријава иако биле обврзани да го направат тоа поради тоа што годишните приходи им биле на 6.000 евра. Од министерството за труд истакнаа дека ќе продолжат проверките на даночните пријави и вистинската ситуација на вработени од секој сектор, со цел да се провери дали и колку одредени граѓани со повисоки плати затајувале данок од државата. Владата планира да воведе максимална висина на пензија, која ќе биде 2.200 евра, со цел од пензиите да се заштедат 1,5 милијарди евра.
За време на посетата на тројката една од главните работи за кои ќе се разговара ќе биде намалувањето на државни претпријатија и број на државни службеници, нешто кое со месеци е причина за битка меѓу грчката влада и тројката. Несогласувањето продолжува и сега со ставот на сегашната влада дека не би сакале да видат нови големи отпуштања на работници, иако тројката инсистира на отпуштање 15.000 државни службеници. Паралелно со отпуштањата во септември се очекува затворање или спојување на околу 20 државни организации, односно укинување на 225 државни тела со што околу 6.000 државни службеници ќе мора да бидат прераспределени во други сектори кои можеби и не се во склоп на нивните познавања. Темата која предизвикува голем интерес и во светски рамки, и негодување дома, приватизацијата, нема да изостане ни од овој состанок со тројката. Наводно, веќе е спремна документацијата за приватизација на четири компании кои треба да заминат од државни во приватни раце на почетокот на есента, а се работи и на приватизацијата на грчките железници. Планирано е да се побара намалување на данокот на додадена вредност, односно намалување од сегашните 23 отсто на 13 отсто.
„Шпигл“ најавува банкрот на Грција до септември
Непосредно пред пристигнувањето на тројката, до Атина стигнаа пишувањата на германскиот весник „Дер Шпигел“ кој најавува дека доколку не ги спроведе реформите Грција може да се соочи со банкрот во септември, како и дека претставници на ММФ ја информирале Европската комисија дека не планираат да помогнат со дополнителна помош за Грција. Нов непријатен удар за Грција стигна и преку изјавата на германскиот вицеканцелар Филип Реслер, кој истакна дека разговорите за излез на Грција од еврозоната веќе не предизвикуваат страв и хорор како порано.
Работата на грчката влада критикуваше и лидерот на опозициската СИРИЗА, Алексис Ципрас, потенцирајќи дека сите оние кои пред неколку месеци го заплашувале народот со враќањето на драхмата во брзо време нејзиното враќање ќе го покажат како успех. Ципрас најави дека ќе ги скрати платите на неговите пратеници за 60 отсто, со цел со тие средства да се финансираат општествено-корисните активности на партијата. |