26.09.2012, 17:48 Иванов на разговори со Бан Ки-мун
Аврамопулос по средбата со Хилари се пофали дека односите на Грција со САД се на најдобро можно ниво
ЊуЈорк - Претседателот Ѓорге Иванов доцна вчера во Њујорк требаше да се сретне со генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, за по неговиот престој во Скопје да му каже колку се остварија очекувањата дека ќе притисне за интензивирање на преговорите со Грција. Според најавата пред средбата, Иванов побарал заживување на процесот во рамките на резолуциите на ОН, без навлегување во идентитетските одредници, како и почитување на хашката пресуда, особено што членките на Светската организација веќе усвоија декларација со која се повикува на тоа.
„Ја реафирмираме обврската на сите држави да ги почитуваат одлуките на Меѓународниот суд на правдата во случаите кога тие се странки и тие што се' уште не постапиле во согласност со ова да го разгледаат прифаќањето на јурисдикцијата на МСП“, пишува во декларацијата. Охрабрување за ваквото барање даде и генералниот секретар Бан Ки-мун, иако тоа тешко дека ќе има ефект врз однесувањето на Грција, која и сега е членка на Судот, а во нашиот случај имаше свој судија, т.е. не само што ја судат туку и учествува во судења.
„Не смееме да дозволиме индивидуалните политички интереси да ја поткопаат правдата. Ги повикувам првите луѓе на државите и на владите во целост да ги практикуваат највисоките стандарди за владеење на правото при донесување на нивните одлуки. Владеењето на правото мора да биде темел за секоја владина акција. Повикувам да се прифатат и пресудите на Меѓународниот суд на правдата, а земјите-членки да се залагаат за поддршка на мирот преку зајакнување на иницијативите на ОН на полето на владеење на правото“, беше пораката на Бан Ки-мун.
По средбата со Бан Ки-мун, Иванов ќе има средба и со посредникот Метју Нимиц, нешто што се случува на секое Генерално собрание, но досега не даде резултат. Од билатералните средби стигна и најавата за скорешно отворање амбасада на Катар во Македонија, како и навестувања дека продолжува битката за признавање на нашето уставно име, преку средби со лидери на државите од Африка и од Азија.
На ривалската грчка страна, се соопштува дека шефот на грчката дипломатија имал „суштинска средба“ со државната секретарка Хилари Клинтон, на која било отворено и прашањето на односите со соседите, без да се прецизира дали се зборувало за прашањето за името. Аврамопулос соопшти дека се договориле да се сретнат повторно и дека односите на Грција со САД сега се на најдобро можно ниво, т.е. се многу поблиски отпорано. (Н.Р.) |