Данските ракометари за 17 секунди од пораз до победа
Во финишот од дуелот со Русија прво Болдсен израмни, па Хансен погоди од 9 м по звукот на сирената
Европскиот првак Данска го направи најневеројатниот пресврт во досегашниот тек на ракометниот турнир на Олимпијадата во Пекинг за победа над Русија од 25:24 во третото коло од групата Б. На тимот на Улрих Вилбек му се закануваше втор пораз и драстично намалување на шансите за пласман во четврт-финалето, но се' се заврте во последните 17 секунди од дуелот со „зборнаја“. Откако Василиј Филипов на почетокот од последната минута ја доведе Русија во водство од 24:23 прво израмни Јоаким Болдсен во 59,43 мин. носејќи голмански дрес заради вишок играч во нападот. Русите потоа изведоа брз центар, но Александар Черноиванов место празниот гол ја погоди неговата рамка, па во брз контранапад Данците се изборија за удар од 9 метри одлево и времето истече. Кога сите очекуваа мечот да заврши нерешено, Микел Хансен најде пукнатина во рускиот блок и го погоди горниот десен агол од голот на подзаспаниот 35-годишен ветеран Алексеј Костигов, по што и' немаше крај на данската еуфорија.
Јужна Кореја приреди уште едно големо изненадување со победата од 22:21 над Исланд, кој единствен во групата Б имаше две победи до меѓусебниот дуел. Во последните 20 минути Исланѓаните имаа напад за израмнување, но не успеја. Тоа ќе беше целосно враќање од бездната по водството на Корејците од 22:19 на три минути до крајот, но головите на Сигурдсон и на Стефансон во продолжението останаа без ефект.
Франција му го нанесе првиот пораз на бранителот на титулата Хрватска, славејќи со 23:19. |