Русевски подобар од Мартиноски во Сомбор
Предраг Русевски ја доби пресметката со својот колега Илија Мартиноски од Дејвис куп репрезентацијата на Македонија на стартот од тенискиот фјучерс во Сомбор, кој се игра на земјена подлога и за награден фонд од 10.000 американски долари. Вториот носител Русевски, кој е 517. на АТП-листата, славеше по голема борба во два тај-брејка со 7-6 (3), 7-6 (5) против 18-годишниот прилепчанец рангиран на 930. место на листата. Противник на првиот македонски рекет, кому ова му е само втора победа на осумте турнири по освоениот фјучерс во Италија на крајот од март, во второто коло ќе се сретне со Србинот Илија Вучиќ (1336.), кој настапува со покана од организаторот. Третиот македонски претставник на турнирот, квалификантот Димитар Грабулоски (1384.), загуби со 6-3, 6-2 од петтиот носител Адам Келнер (542.) од Унгарија.
Русевски и Лазар Магдинчев, кои се први носители во двојки, се пласираа во полуфиналето по победите над хрватско-српската комбинација Баришиќ/Краиновиќ со 6-2, 6-4 и над Србите Боровиќ и Новаковиќ со идентичен резултат. Во полуфиналето ќе играат против Србинот Словиќ и Црногорецот Тошиќ. Грабулоски и Мартиноски се елиминирани во првото коло од вторите носители, Хрватите Санчиќ и Висак, со 7-5, 6-2. (Р.Д.) |