За Бернар злато на 100 метри слободно
Французинот во финалето беше побрз од светскиот рекордер, Австралиецот Емон Саливен
Алан Бернар се врати на најдобар можен начин по разочарувањето во штафетната трка 4Х100 метри слободно во која, буквално со последниот замав на раката им го предаде насловот на Американците, а на Фелпс му го продолжи сонот за осум злата. Французинот исплива во време од 47.21, светскиот рекордер Емон Саливен задоцни 11 стотинки и мораше да се задоволи со среброто, додека бронзата ја поделија Американецот Џејсон Лезак и Бразилецот Цезар Филхо (47.67). Холанѓанецот Питер ван Хогенбанд пак, не успеа да стане првиот пливач во оваа дисциплина со три едноподруго наслови, по победите во Сиднеј и Атина. Решен да го надмине Русинот Владимир Салњиков (1.500 метри), ја жртвуваше трката на 200 метри слободно, но на крајот некогашниот светски рекордер стигна петти со време од 47.75.
Светски рекорд собори и Кинеската Зиге Лиу во дисциплината 200 метри пеперутка. Веројатно, во најотворената дисциплина во женска и во машка конкуренција, на Кинезите 18. злато им го донесе 19-годишната Лиу пливајќи 22 стотинки подобро од стариот светски рекорд (2:04.18) на Џесика Шипер од пред две години. Сребрениот медал и припадна на нејзината сонародничка Лијанг Џијао, додека светската првенка од Мелбурн, Американката Шипер мораше да се задоволи со третото место.
Олимписки рекорд пак, два дена едноподруго соборува Јапонецот Косуке Китаџима, кој по 100 го одбрани насловот од Атина и на 200 метри градно со време од 2:07.64, оставајќи го зад себе второпласираниот Брентон Рикард за повеќе од една секунда. На третото место заврши Французинот Хју Дубоско. За него ова е втора бронза и трет олимписки медал вкупно, соборувајќи го патем и францускиот рекорд.
Во дисциплината 4Х200 метри штафетата на Австралија во состав Стефани Рајс, Бронте Барт, Кајли Палмер и Линда Мекензи стави точка на вчерашната утринска програма со нов светски рекорд и тоа за повеќе од пет секунди уништувајќи го претходниот (7:50.09) на Американките од минатогодишното светско првенство. Со време од 7:44.31 Австралијките на второто место ја оставија Кина, а Американките стигнаа како трети. Стефани Рајс, дефинитивно е прво име меѓу пливачките, 20-годишната Австралијка освои три злата во Пекинг, на 200 и 400 метри мешано и 4Х200 слободно, соборувајќи при тоа во секоја трка светски рекорд. |