Белорускиот и кипарскиот шампион пред историски пласман во ЛШ
БАТЕ Борисов славеше со 1:0 кај Левски, Анортозис го прегази Олимпијакос со 3:0
БАТЕ Борисов и Анортозис, шампионите на Белорусија, односно Кипар, ја продолжија низата сензации и се наоѓаат пред историски успех и пласман во фазата по групи во шампионската лига на УЕФА.
Откако го елиминираа белгискиот првак, Андерлехт, фудбалерите на БАТЕ Борисов остварија минимална победа на гости и во Софија кај Левски со 1:0 во првиот меч од 3. квалификациско коло во ЛШ. Погодокот што го втурна белорускиот шампион пред портите на фудбалската клупска елита на стариот континент го постигна Ржевски во 60 минута. По неочекуваниот пораз тренерот на бугарскиот претставник, Велислав Витсов, поднесе оставка, па во реваншот во Борисов составот на Левски ќе го предводи досегашниот асистент во страучниот штаб, Емил Велев.
Со големи изгледи да им прават друштво на своите белоруски колеги во главната фаза во ЛШ се и играчите на кипарски Анортозис кои во првиот меч од последното квалификациско коло, пред своите гледачи, го „прегазија“ грчки Олимпијакос со 3:0. Стрелци за тимот од Фамагуста, кој во двомечот од второто коло беше подобар од австриски Рапид Виена, беа Торосидис во петтата минута, Сосин во 18 и Лабан во 86.
Пред сензација беше и Партизан, но не успеа да издржи иако по само 14 минути во Белград „црно-белите“ имаа игра, разнишан противник и водство од 2:0 (Пауновиќ во 11 минута и Богуновиќ во 14 минута) во дуелот со Фенербахче. На крајот турскиот вицешампион се извлече и со головите на Алекс од пенал во 45 минута и Гуиза во 50 успеа се врати во Истанбул со реми (2:2).
Динамо Загреб претрпе пораз на гостувањето во Доњецк, Украина, од Шахтјор со 2:0. Хрватскиот шампион прикажа слаба партија и дозволи мечот да биде решен во првите половина час игра. Првиот погодок за украинскиот првак беше дело на хрватскиот репрезентативец и капитен на Шахтјор, Дарио Срна во третата минута, на 2:0 зголеми Жадсон во 33.
Резултати од првите мечеви во третото квалификациско коло во Лигата на шампионите: Шахтјор Доњецк (Украина) - Динамо Загреб (Хрватска) 2:0, Партизан (Србија) - Фенербахче (Турција) 2:2, Барселона (Шпанија) - Висла Краков (Полска), Виторија Гимараеш (Португалија) - Базел (Швајцарија), Стандард (Белгија) - Ливерпул (Англија) 0:0, Твенте (Холандија) - Арсенал (Англија) 0:2, Шалке 04 (Германија) - Атлетико Мадрид (Шпанија) 1:0, Бран (Норвешка) - Олимпик Марсеј (Франција) 0:1, Галатасарај (Турција) - Стеауа (Романија) 2:2, Алборг (Данска) - Каунас (Литванија) 2:0, Анортозис (Кипар) - Олимпијакос (Грција) 3:0, Левски Софија (Бугарија) - БАТЕ Борисов (Белорусија) 0:1, Спартак Москва (Русија) - Динамо Киев (Украина) 1:4, Јувентус (Италија) - Артмедија (Словачка) 4:0, Спарта Прага (Чешка) - Панатинаикос (Грција) 1:2, Фиорентина (Италија) - Славија Прага (Чешка) 2:0.
Реваншите ќе се одиграат на 26/27 август.
|