Македонија против НБА и европските ѕвезди, сепак, во „Борис Трајковски“
Влдата на РМ ги слушна апелите на КФМ за нејзината лоша финансиска ситуација
Наум Котевски
Македонската кошаркарска јавност, а и самите репрезентативци може да здивнат. Срамот од мизерните услови што ги нудат руинираните сали „Градски парк“ и „Јане Сандански“ нема да го вцрви образот никому, бидејќи досега најсилниот кошаркарски турнир „Трофеј на Македонија“ на кој ќе настапат силните репрезентации на Турција, Црна Гора и на Романија, викендов, сепак, ќе се одржи во најреспектабилната сала „Борис Трајковски“.
Сето тоа поради доблесната одлука на Владата на Република Македонија да направи компромис, односно да ги слушне апелите за помош што ги упати Кошаркарската федерација на Македонија до надлежните, молејќи да имаат разбирање за финансиската ситуација во која се наоѓа оваа спортска институција. Имено, во моментов таа не била во можност да и плати 2.140 евра по натпревар, или вкупно 13.000 за целиот турнир на фирмата, која стопанисува со салата „Борис Трајковски“, во која досега се одржаа шест настани. Отворањето со „Харлем Глобтротерс“, потоа концертот на танчерската атракција „Господари на танцот“, митингот на Демократската партија на Албанците, ракометната бараж средба Македонија - Исланд, собирот на Егејците и полуфиналето и финалето од СП за јуниорки во ракомет. Колку за илустрација цената за одржување на кошаркарски, ракометен или одбојкарски натпревар во „Борис Трајковски“ чини 2.140 евра за три часа користење, за политички митинг 3.600 евра, за концерт на домашен изведувач 4.350, а за странски 6.060 евра.
Кој и колку се искеширал од организаторите на споменатите настани не се знае, ама сега се знае дека КФМ доби „аболиција“ од Владата. Претседателот на КФМ Даниел Димевски е пресреќен поради таквата одлука, притоа заблагодарувајќи и се на власта што овој турнир ќе се игра во сала каква што му доликува на турнир од ваков ранг: „Среќни сме што се дојде до решение. Владата имаше разбирање и најдовме компромисна варијанта по која македонската кошаркарска репрезентација овој турнир, како и квалификациите за ЕП ќе ги игра во „Борис Трајковски“, вели Димевски, кој откри дека организацијата на „Трофејот Македонија“ ќе го чини КФМ околу 30.000 евра.
„Нашата цел е да воспоставиме традиција на купување на билет. Публиката мора да помогне. Без купување билет не може да функционира еден ваков настан. Практика е трошоците да се покриваат и на тој начин. Се одлучивме за популарн�� цени од 200 денари за два натпревара во денот. Очекуваме да продадеме барем 10.000 влезници за сите денови, а истите ќе се продаваат на билетарницата во салата „Борис Трајковски“, објасни Димевски, а во таа насока генералниот секретар Дејан Лекиќ потврди дека гратиси ќе нема и дека и тој и претседателот ќе си купат влезница.
И селекторот на Македонија, Јовица Арсиќ, и се заблагодари на Владата велејќи дека „неиграњето во најголемата сала ќе влијаеше деморализирачки на моите кошаркари“.
„Ова е вистинска можност да видиме до каде е нашиот квалитет. Многу силен турнир, дури, според, мене во моментов можеби е и пресилен, со оглед на тоа што доцниме во екипирањето. За квалитетот на репрезентациите не треба да се трошат зборови. Тоа се репрезентации што ќе го извлечат максимумот од секој мој кошаркар“, посочи Арсиќ, кој ја повика публиката во што поголем број да и даде поддршка на македонската репрезентација, но и да ја искористи ретката можност во живо да види неколку НБА играчи и ѕвезди од европската кошарка, меѓу кои и Хидо Туркоглу (Орландо Меџик), Жарко Чабаркапа (Голден Стејт), Александар Павловиќ (Кливленд) Никола Пековиќ (Панатинаикос). Покрај нив на паркетот треба да истрчаат и Керем Тунчери (Реал Мадрид), Ерсан Елијасова (Барселона) Владо Шчепановиќ (Гранада), Предраг Дробњак (Партизан), Горан Јеретин (Алба Берлин) кои ќе бидат водени од кошаркарските тренерски легенди Богдан Тањевиќ и Душан Вујошевиќ. Колку е сериозен пристапот на овие селекции говори податокот што, да речеме, турскиот тим доаѓа во Скопје со 30 луѓе, а околу Туркоглу ќе бидат ангажирани седум лица, масажери и доктори. За сите нив е обезбедена специјална храна. Барањата, пак, на Црна Гора се поскромни, „освен што побарале да тренираат во вечерен термин“. „Тоа е и очекувано“, во шега ќе каже Лекиќ.
Инаку, покрај тоа што овдешната јавност ќе може да ги види споменатите светски кошаркарски фаци, никако не треба да се заборави и можноста да се виде дебито пред македонската публика на новата наша ѕвезда членот на Реал Мадрид Џеремеја Мејси, кој срамежливо најави дека полека се прилагодува на своите нови соиграчи. „Се уште се адаптираме еден на друг. Повеќе јас на нив, отколку тие на мене. Има уште време до квалификациите и мислам дека ќе бидеме вистинската екипа, тогаш кога е најпотребно“, порача Мејси.
Натпреварите ќе се играат в сабота, недела и понеделник со почеток од 18 и 20,30 ч. Турнирот ќе го отворат Црна Гора и Турција, а ние ќе играме во вечерниот термин со Романија. В недела играат Романија - Црна Гора (18 ч.), Македонија (Турција 20,30 ч.), а во понеделник Турција - Романија (18 ч.) и Македонија - Црна Гора (20,30 ч.). |