Кинеските спортисти богато наградени за медалите
Кревачката на товар Чен Ксиексија, која на домаќинот му го донесе првото злато, се очекува да добие дури 437.000 долари
Кинеските провинции гладни за олимписка слава им нудат големи премии на домашните спортисти за триумф во Пекинг. Како и во другите области на успех на нацијата, и кинеските спортски победи често ја одразуваат симбиозата на добриот кеш и на моќта на Комунистичката партија.
Кога Ванг Фенг го освои златото во синхронизирани скокови во вода, неговиот роден град во источнокинеската провинција Шандонг веднаш му врачи на неговото семејство чек на сума од 600.000 јуани (87.400 долари).
„По завршувањето на Игрите ќе можеме да му направиме свадба“, изјави насолзениот татко на Ванг за локалниот весник „Чангџијанг дејли“.
За земјата во која многумина живеат во тешка сиромаштија, наградите се импресивни. Тоа го потврдува и случајот со кревачката на товар Чен Ксиексија, која и' го донесе на Кина првиот златен медал на овие ОИ. Нејзиниот роден град во јужната провинција Гуангдонг веднаш објави бонус од 50.000 јуани (7.300 долари), но еден локален извор сугерира дека наградите од градот, од дистриктот и од блискиот голем градски центар Гуангжу би можел да достигне три милиони јуани (437.000 долари)!
Претставници на градот Нанчонг од јужната провинција Сечуан соопштија дека на локалната надеж Ванг На ќе и' дадат 250.000 јуани (36.400 долари) ако победи во синхронизирано пливање. Источната провинција Хунан, пак, им понуди на златоносците милион јуани (146.000 долари) секому, доделени од локалниот производител на ликер, а организира и голема прослава во Пекинг кога кревачот на товар Лонг Чингчуан и' го донесе на провинцијата првото злато од Игрите.
Централните спортски власти не соопштија колкава награда им следува на спортистите, но се шушка дека станува збор за 350.000 јуани (51.000 долари) за златен медал, плус дел од спонзорскиот колач. |