„Дејли телеграф“
Во Либија лов по полковникот Гадафи
23.08.2011, 15:30
Бунтовниците напредуваат во освојувањето на Триполи, а во Либија во тек е голем лов по либискиот лидер Моамер Гадафи, со што би му се оневозможило да ја напушти земјата, пишува весникот „Дејли телеграф“.
Судбината на неговиот 42-годишен режим веќе е одлучена, меѓутоа локацијата на која се наоѓа се уште не е позната. Додека бунтовниците соопштуваа дека Триполи е во нивни раце и дека Гадафи побегнал, тој наеднаш преку радио им се обрати на своите приврзаници и им порача: „Јас сум во Триполи. Излезете на улиците. Јас сум со вас до крај“. Оваа радио порака не беше проследена со слика, што ги предизвика шпекулациите дека Гадафи веќе го напуштил глав��иот град и бара азил во некоја пријателска земја.
Шеесет и девет годишниот Гадафи не е виден во јавност уште од мај, а неговото последно телевизиско појавување беше пред два месеци кога е снимен како игра шах со претседателот на Светската шаховска федерација, Кирсан Иљумжинов.
За пронаоѓање на исчезнатиот лидер разузнавачките оперативци на НАТО ја користат сета расположлива опрема за надгледување од авиони и сателити. Целта е што е можно попрецизно да се лоцира скривалиштето на Гадафи. Голем број извидувачки авиони на РАФ и НАТО надлетуваат над Либија, барајќи траги од Гадафи и другите водечки личности на режимот.
Авакс авионите на британското военовоздухопловство ги контролираат сите цивилни авиони, кои го напуштаат Триполи или други места, со цел да го спречат евентуалното бегство на Гадафи по воздушен пат.
Американски шпионски авиони ги контролираат сите комуникации на мобилните и сателитските телефони.
Разузнавачките извори меѓутоа признаваат дека тој бил „исклучително паметен“ во избегнувањето на користењето на телефони, знаејќи дека можат веднаш да го лоцираат.
РАФ исто така користи најсовремени Астор радари за пронаоѓање на конвој возила во пустина, во кои би можел да биде Гадафи.
Со потерницата за апсење на Гадафи, издадена од страна на Меѓународниот кривичен суд, неговите опции за егзил се ограничени. Сите земји, кои потпишаа за пристапување кон Судот се обврзани да го испорачаат во Хаг.
„Дејли телеграф“ пишува дека и покрај официјалните деманти, Јужна Африка се согласила да посредува во преговорите околу заминувањето на Гадафи од Либија. Авион на Јужна Африка од синоќа е на аеродромот во Тунис и според владини извори, е подготвен да го овозможи заминувањето на Гадафи од регионот доколку тој за тоа се одлучи.
Доколку Гадафи го напуштил Триполи едно од веројатните места каде се крие е Сирт, градот во кој е роден и каде се уште ужива масовна поддршка. Друга можност е да се наоѓа во местото на своите предци, Сабху, во јужна Либија. Оттаму лесно може да се обиде да премине во соседен Чад.
|