Собранието против барањето на Цаноски да се расправа за Космос
23.08.2011, 12:16
Собранието на Република Македонија при утврдувањето на дневниот ред на осмата седница не го прифати барањето на пратеникот Фиат Цаноски од ПЕИ на неа да се разгледува и прашањето за уривањето на станбено-деловниот комплекс Космос, по што пратеничка група на оваа партија побара едночасовна пауза.
Цаноски барањето за поставување на оваа точка на дневен ред го темелеше на, како што рече, незаконските постапки во донесувањето на одлуките и решенијата за уривањето, поради тоа што сите тие биле без право на приговор и жалба, како и невистините дека имало отстапувања во проектот и оти не се плаќани комуналии... Барањето на Цаноски беше поддржано од повеќе пратеници од опозициските партии.
Како точки на дневен ред за оваа седница се предлог-аконите за ратификација на Спогодбите меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за регулирање на режимот за локален граничен сообраќај и за преземање на лица со нелегален влез или престој.
Пратениците треба да расправаат и по предлог законите за ратификација на Протоколот за привилегии и имунитети на Центарот за спроведување на Законот во Југоисточна Европа, за ратификација на Договорот за основање на Антикорупциска академија како меѓународна организација, за ратификација на Договорот за воен грант меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција и Протокол за спроведување на финансиска поддршка меѓу министерствата за одбрана на двете држави, како и за ратификација на Договорот за економска соработка меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Црна Гора.
На седницата треба да бидат разгледани и предлог законите за ратификација на Дополнетиот Протокол кон Договорот за изменување и пристапување кон Централно-европскиот Договор за слободна трговија, за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Црна Гора за заемно поттикнување и заштита на инвестиции, како и за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија и на Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, двата во прво читање.
Собранието треба да расправа и по предлог законите за изменување и дополнување на законите за нотаријатот, на Кривичниот законик, за платите на судиите, за млади, за заштита на личните податоци, за здруженија и фондации, за лобирање, за вршење психолошка дејност, за адвокатура... Дневниот ред треба да биде утврден по едночасовната пауза дадена на барање на пратеничката група на ПЕИ.
|