Владата реши да се фокусира на економијата
Вчера се одржа првата седница на новото тело - Економски совет
Владата реши сериозно да се зафати со решавање на економските прашања, пред се', на оние дадени во економскиот дел од Програмата за нејзина работа во периодот од 2011 до 2015 година, но и на тековните економски проблеми во државата. За таа цел се формира и од вчера почна со работа новото тело - Економски совет, што во некои земји се нарекува економска влада. Претседател е премиерот Никола Груевски, а постојани членови се министрите од економските ресори во Владата, гувернерот на Народна банка, како и претставници на други државни институции кои имаат одредени надлежности во сферата на економските прашања. На вчерашната прва седница присуствуваа министрите за финансии, за економија, за транспорт и врски, за земјоделство, директорот на Царина, вицепремиерот за економски прашања, директорот на Агенцијата за странски инвестиции, како и неколку претставници од министерствата.
„Ова е нов момент, нов зголемен фокус на економијата за да може да се потроши повеќе време на она што е најзначајно или на еден од приоритетите. Тоа се рефлектира со создавањето Економски совет во кој членуваат постојани членови, главно, луѓе од државните институции, како и непостојани членови, кои ќе бидат повикувани во зависност од потребата. Може да бидат од Универзитетот, од бизнисот или од некоја друга институција од каде што нема постојан член“, изјави Груевски.
Тој додаде дека еднаш неделно, најчесто во понеделник, ќе се одржуваат состаноци што ќе траат по неколку часа и на кои ќе се разговара само за економски прашања, во насока на решавање на проблемите и подобрување на економијата, а со цел да се зголеми квалитетот на живот и да се отворат нови работни места.
Во зависност од потребите, како што се наведува во вчерашното соопштение на Владата, на состаноците на Економскиот совет ќе бидат поканети да учествуваат и претставници од стопанските комори, од универзитетите и од други асоцијации од сферата на економијата и економските прашања.
„Предвидено е, покрај економскиот дел од Програмата, да се дискутира и за други економски движења што имаат соодветен ефект врз генералните трендови во македонската економија“, се наведува во официјалното соопштение на Владата. Се додава дека ваквите дискусии би резултирале со дефинирање соодветни заклучоци и насоки, кои потоа би биле предмет на формално произнесување од владините министри на редовна седница. (М.Т.) |