Јоханес Раиндл нов главен извршен директор на „ЕВН Македонија“
23.08.2011, 14:27
Со одлука на австриската ЕВН АГ, досегашниот актуелен член на Надзорниот одбор на „ЕВН Македонија Холдинг“, дипломираниот инженер Јоханес Раиндл, од септември станува нов главен извршен директор на компанијата. Тој доаѓа на оваа функција на местото на досегашниот извршен директор, Гинтер Офнер, кој заминува на друга функција, главен финансов директор на меѓународниот аеродром во Виена. Офнер пет години ја извршуваше функцијата главен извршен директор во „ЕВН Македонија Холдинг“.
„Благодарни сме поради тоа што со своето искуство и посветеност на Македонија и на нејзините граѓани, Гинтер Офнер даде голем придонес за успешната трансформација на „ЕВН Македонија“ и за позитивните односи кои ЕВН, како австриска компанија, ги гради во македонското општество. Дури и во најтешките ситуации тој никогаш не го изгуби оптимизмот и посветеноста да ја направи „ЕВН Македонија“ успешна приказна, како за самата компанија, така и за Македонија“, изјави м-р Штефан Шишковиц, член на Управниот одбор на ЕВН АГ. Тој додаде дека е убеден оти Јоханес Раиндл, кој има долгогодишно искуство во енергетиката и во менаџментот со дистрибутивни мрежи за електрична енергија, успешно ќе ја продолжи досегашната работа на Офнер. (М.Т) |