Аеродромите се градат, ТАВ уште бара пари
„Александар Велики“ модерен и во ново руво ќе биде предаден во употреба на 20 октомври 2011 година, ветува ТАВ
Соња Маџовска
Аеродромот „Александар Велики“ модерен и во ново руво ќе биде пуштен во употреба на 20 октомври 2011 година. На терен наголемо се градат терминалната, административната и противпожарната зграда, а и пистата се проширува. Сето ова ТАВ ќе ги чини 200 милиони евра, ама заедно со сите трошоци и со карго-аеродромот во Штип, за кој се' уште е неизвесно дали воопшто ќе се гради.
Ова вчера го ветија првите луѓе на ТАВ Македонија, на презентацијата на градежните активности на аеродромот „Александар Велики“. Тие се пофалија дека забрзано работат на модернизацијата и на двата аеродрома и во Скопје и во Охрид. Но, кога станува збор за привлекување нови авиокомпании кои ќе нудат и поевтини летови, не се многу задоволни. Директорот Мурат Орнекол истакна дека на тоа поле имаат слаби резултати. Освен компанијата „Бора џет“ што ќе лета од Скопје до турскиот град Бурса, за останатите авиокомпании, како што се нискобуџетните „Рајан ер“, „Виз ер“ и „Луфтханза“, се' е само најава. ТАВ наскоро очекува да склучи договор со холандската авиокомпанија „Корендон ерлајнс“.
Орнекол вчера отворено соопшти дека инвестицијата од 200 милиони евра што ја најави ТАВ при склучувањето на договорот со Владата сега треба да се смета сосе камати, гаранции, односно сите придружни трошоци, а во оваа сума влегува и изградбата на карго-аеродромот во Штип. Тој треба да се гради по девет и пол години, и тоа ако потврдат испитувањата дека го дозволуваат тоа временските услови. „За карго-аеродромот во Штип сега нема информации колку пари ќе бидат потребни. Вистинската инвестиција на ТАВ во Македонија ќе биде околу 200 милиони евра. Овие бројки се однесуваат на реалната инвестиција заедно со каматите, гаранциите и штипскиот аеродром“, изјави вчера Орнекол.
Според него, „ТАВ холдинг“ досега има одвоено 20 милиони евра, сума која ќе биде доволна да ги покрие градежните работи, но само до крајот на октомври. Сега бараат уште 70 милиони евра кредити. „Дотогаш очекуваме да биде потпишан договор за заем во износ од 70 милиони евра кој ќе го добиеме од турската банка Халк и Стандард банка од Англија. Овој договор е многу детален и се надевам дека ќе ги завршиме сите работи до крајот на следниот месец, а освен овие кредити, ТАВ ќе вложи и свои средства во износ од 30 милиони евра“, потенцира Орнекол.
Тој не е задоволен од тоа со какво темпо расте бројот на патници. На скопскиот аеродром во првите девет месеци бројот на патници е зголемен за 12,6 проценти, а на охридскиот за 9,3 отсто. „Преземаме агресивни чекори да ја подобриме работата на аеродромите. Се обидуваме да направиме намалување на таксите за оние компании што го зголемуваат бројот на летови, а имаме добри понуди и за нови авиокомпании“, истакна Орнекол.
Според него, нискобуџетските авиокомпании не биле заинтересирани за земјава поради малиот број патници. Тој ги повика министерствата и туристичките агенции да работат повеќе на развој на туризмот. „ТАВ холдинг“ вчера информираше дека моментно преговараат со единствениот снабдувач со керозин „Макпетрол“ да не ги зголемува цените. Иако се најавуваше дека во снабдувањето со керозин ќе се вклучат и други компании, сепак, „Лукоил“, „Бритиш петролеум“, „Петрол офис“ не покажале голем интерес, па првите луѓе на ТАВ соопштија дека не можат сосила да ги натераат на соработка. Се' уште нема заинтересирана локална компанија ниту за сообраќање на редовна линија од аеродромот „Александар Велики“ до Скопје. Орнекол соопшти дека иако се обврзале да ги задржат вработените на аеродромите седум години, концесискиот договор им давал можност да им понудат на вработените пакети за предвремено заминување од работните места со финансиски надомест. Некои веќе прифатиле.
Според менаџерите задолжени за изградбата, на скопскиот аеродром до март следната година ќе заврши изградбата на административната и противпожарната зграда, а до 20 октомври ќе биде во функција и новата терминална зграда. Таа ќе биде двокатна, на вкупна површина од 40.100 квадратни метри, со шест директни моста за влез во авионите. Дотогаш ќе биде во функција сегашната терминална зграда. |