Мислења
Еволуција
Петар Арсовски
Владејачката партија е на добар пат да го изгуби најважното: блискоста со народот што јасно го покажуваат последните анкети
За секој, па дури и помалку информиран граѓанин на оваа земја во центарот на светот, јасен е фактот дека во еволуцијата на Земјата прво се појавиле Македонците или македоноидите, па дури потоа амебата и парамециумот. По истиот принцип и партиите што „творат и се борат“ за ова мало парче гласачи, знаат дека се во фаза на еволуција и дека ќе треба да се менуваат со времето. Оваа еволуција е неизбежна и, најверојатно, ќе се одвива на неколку ��олиња.
Најнапред, ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да се реформира од тоталитарна партија на дневен маркетинг и популизам кон вистинско лидерство. Да се навратиме: наспроти популарната мантра, оваа партија не ги доби изборите во 2006 (со релативно мала маргина) само поради нивната економска програма. За волја на вистината, понудената визија за подобар живот влијаеше врз нивниот успех, но, пред се', ВМРО-ДПМНЕ успеа да ја добие довербата на гласачите зашто понуди нов вид енергија во политиката, јасни и едноставни пораки, релативна транспарентност во работењето со можност за јавно учество во идеите и имплементацијата, јасна и обврзувачка понуда (во вид на преродба), нов имиџ на партијата и нови чисти кадри. Дополнително и можеби најважно, партијата ги усвои и ги интегрираше професионалните парадигми на модерен политички маркетинг како суштински дел на нивната дневна операција. Токму затоа, таа дополнително го забетонира изборниот успех во првиот период на владеење: ангажираше професионални советници за комуникација со јавноста, редовно информираше за своите потези и успеа да ја придобие јавноста на своја страна. Истовремено, за евентуалните пропусти и грешки не се криеше, туку јавно и отворено комуницираше. Тоа резултираше со висок степен на толерантност кај гласачите и, се разбира, висок рејтинг. Така, оваа партија успеа да создаде двонасочен канал со гласачите, низ кој тие имаа учество во водењето на државата, но истовремено беа бомбардирани со реклами и информации за работењето на Владата.
Некаде меѓу рекламите за Александар и огласите дека редовно се зема плата, оваа партија влезе во класичната стапица на популизмот: создадената папочна врска со електоратот стана свилен гајтан за бесење и тоа тогаш кога на хоризонтот се појави потреба од непопуларни потези, која кулминираше со проблемот со името. Влезена во трка за поддршка и рејтинг, власта тука се парализираше, немајќи капацитет да покаже вистинско лидерство и да го разликува она што на државата и треба од она што го сакаат гласачите. Некои ќе речат дека власта секогаш била скриена тоталитарно-националистичка група, која сега го покажува вистинското лице, но податоците говорат дека агендата и реториката на власта се променија во текот на владеењето, блокирани од сопствениот популизам.
Во таков психолошки блок партијата го направи најлесното: се повлече назад кон т.н. нивна сигурна зона: десничарско тврдо национално чувство, тоталитарни потези, ксенофобија и национализам, притоа сметајќи дека тоа се сигурни популистичко-победнички пораки кај електоратот. Така, власта се зароби во очаен круг. Наместо да го води процесот на комуникација со јавноста, почна да станува негов заложник. Во таква ситуација, нормално е да се очекува дека ќе успеваат само најниските, најретроградните и најмалку еманципирани пораки, зашто тие најлесно се продаваат и нудат најбрз позитивен фидбек од гласачите. Во тој процес, владејачите станаа изолирани, почнаа дефанзивно да се бранат и да ги напаѓаат сите што зборуваат за што било друго освен за својата рудиментирана агенда, притоа создавајќи аутизам меѓу нив и реалноста. На тој начин владејачката партија, иронично, е на најдобар пат да го изгуби најважното: блискоста со народот што јасно го покажуваат последните анкети. Накусо: власта френетично трудејќи се да си ја задржи работата, заборава да си ја работи работата. Тие имаат мал прозорец за пресврт: ако смогнат сила да излезат од дефанзива, да признаат грешки и да понудат нова визија (која на јавноста можеби нема да и' се допадне), имаат можност да добијат нова шанса. Моја процена е дека тие за тоа, сепак, нема да смогнат сили (најмногу поради замор на материјалот) и дека се осудени на губиток, и тоа за релативно кусо време.
Од друга страна, опозицијата, односно СДСМ, ќе мора сериозно да го реформира начинот на кој комуницира со електоратот и се бори за гласови. Најголем проблем на оваа партија е недостигот од професионална и ефикасна маркетинг-стратегија за добивање гласови. Без суштински реформиран имиџ, со старо-нова структура и без решение за тоа како да ги промовираат сопствените решенија, опозицијата е, исто така, заглавена. Тие се' уште функционираат врз основа на негативна кампања, која сега е проширена и со спотови, што укажува на тоа дека нивната стратегија е насочена кон одземање гласови од опонентот. Сепак, во предизборјето СДСМ ќе мора да создаде автентична, нова стратегија за тоа како да добие гласови на сопствено конто, а не само како да одземе гласови од контото на противникот. Тие без исклучок ќе мора да создадат нова понуда, нова визија за иднината и ќе мора да се ориентираат кон потранспарентен начин на промоција на сопствената понуда. СДСМ набрзо ќе дојде во ситуација да мора отворено да настапи со програма, со влада во сенка, со нови лица и слично, односно ќе мора јавно да ја истакне новата платформа. Притоа, таквата понуда нема да успее ако не е создадена врз база на барањата на електоратот, односно без систем на активна партиципација на гласачите во процесот на создавање програма и лидери. Настрана понудата, СДСМ наскоро ќе мора да инсталира ефикасен систем за создавање кадровски потенцијал врз реални, а не врз партиски основи. На крајот, оваа партија ќе мора во својата операција да интегрира професионален систем за комуникација со гласачите, за промоција и добивање поддршка за сопствената платформа, за своите предлози да ги доближи до гласачите, една од нивните историско најслаби страни.
На крајот, збор-два за општата еволуција на партиите во Македонија. Неминовно, партиите ќе мора да станат граѓански, а не етнички. Во градењето мултикултурно општество, етничката агенда ќе мора да стане официјална и проактивна. Имајќи предвид дека целосната мултиетничка интеграција е составен дел на секоја идна владина платформа, суштински дел од понудата ќе биде и албанскиот коалициски партнер. Наместо да ги третираат како нужно зло, македонските партии ќе мора да ги направат своите коалициски партнери составен дел на политичката понуда. Тоа, најверојатно, ќе се одвива во три фази: предизборни коалиции, потоа заеднички изборни листи, за на крај да заврши со логичната еволуција: интеграција на македонските и на албанските во граѓански партии, кои идната владина платформа ќе ја понудат во целина. Така и само така гласачите ќе имаат јасен избор, главните функции во државата ќе бидат правилно распределени, а ние ќе преминеме во суштински модерно изборно општество.
(Авторот е магистер
на политичка комуникологија) |