Отворен паркот на Фредерик Шопен
Паркот се наоѓа до училиштето „Невена Георгиева-Дуња“ во Кисела Вода
Во паркот до училиштето „Невена Георгиева-Дуња“ во Кисела Вода вчера свечено беше отворен паркот на Фредерик Шопен во чие средиште се наоѓа биста на полскиот композитор. Паркот го отворија градоначалникот на Општината, Марјан Ѓорчев, полскиот амбасадор, Карол Бахура, и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.
Паркот на Шопен е пуштен во чест на одбележување 200 години од раѓањето на полскиот композитор и ќе има цел да ги зближи полската и македонската музика. Пред неколку месеци, на улицата „Фредерик Шопен“ во Кисела Вода беше поставена и плакета на композиторот.
„Во време кога чувствата не се во мода, музиката на полскиот композитор ќе биде јазик на општење меѓу граѓаните. Освен тоа, паркот ќе им даде на граѓаните уште едно урбано катче каде што ќе можат да се релаксираат“, рече градоначалникот Ѓорчев.
За полскиот амбасадор Бахура, поставувањето на бистата на Шопен истовремено значи и европеизам на општината и на Скопје. Тој најави и поставување уште неколку бисти на композиторот во Македонија.
Во паркот Општина Кисела Вода вложила 4,5 милиони денари, а бистата е донација на амбасадата на Полска, додека Општина Кисела Вода инвестирала 4,5 милиони денари во обнова на паркот, кој е хортикултурно уреден и опремен со нова урбана опрема. Во него има поставено и детски реквизити, фонтана во централниот дел и мултифункционална бина. (С.Н.) |