Пасторот од Флорида нема да го пали Коранот!
Да го запалеа Коранот, тоа ќе беше почеток на уништувањето на Америка, предупредија лидери на муслиманите
Религиозните и политички лидери низ муслиманскиот свет ја поздравија одлуката на малата американска црква да ги суспендира плановите за палење копии од нивната света книга, но некои посочија дека штетата е веќе направена. Отецот Тери Џонс од цркват�� во Гејнсвил, Флорида, предизвика меѓународен бес кога обелодени дека ќе го запали Коранот на годишнината од 11-септемвриските напади, што беше причина стотици (според некои извори и илјадници) лути демонстранти во Авганистан и во Пакистан да палат американски знамиња и да извикуваат „Смрт за христијаните“. Неговата одлука да го откаже планот, донесена во текот на ноќта кога голем број луѓе во Азија спиеја, беше дочекана со олеснување.
„Прекинат планот за палење на Коранот! Преовлада разумот“, им кажа лидерот на малезиската опозиција, Анвар Ибрахим, на своите следбеници на социјалната мрежа „Твитер“. „Фален Алах. Нашиот повик е: промовирајте мир и правда“. Меѓутоа, свештеникот Русли Хасби им кажа на 1.000 верници што присуствуваа на петочната утринска молитва во Индонезија, најнаселената муслиманска земја во светот, дека Џонс веќе „го повредил срцето на муслиманскиот свет“. „Ако го истуркаше планот, тоа ќе беше еднакво на војна“, изјави индонезискиот свештеник во крајбрежниот град Локсеумаве. „Војна што ќе ги обединеше муслиманите низ целиот свет“.
Еден демонстрант е застрелан во протестот на илјадници Авганистанци, кои фрлаа со камења врз мала база на НАТО во североисточниот дел на Авганистан. Во Авганистан локалните официјални лица проценија дека околу 4.000 луѓе учествуваа во четврточните демонстрации во Махмуд Раки, главен град на провинцијата Каписа. Портпаролот на НАТО, Џејмс Џаџ, изјави дека станувало збор за 500 до 700 демонстранти. Свештеник во провинцијата Балкх изјави дека ако се спроведеше планот за палење на Коранот, ќе имаше демонстрации в понеделник во главниот на провинцијата Мазар и Шариф. Во градот има стационирани сили на НАТО.
Во централниот пакистански град Мултан околу 200 луѓе излегоа на улиците и го запалија американското знаме. „Ако го запалеа Коранот, тоа ќе беше почеток на уништувањето на Америка“, пишуваше на еден транспарент на англиски јазик, што го држеа демонстрантите, кои извикуваа „Долу Америка!“. (АП) |