Статус
Маките на персоналот на ѕвездите
Американскиот пејач Стенли Кирк Барел, попознат под уметничкото име Ем-Си Хамер, во деновите на најголемата слава, во осумдесеттите години на минатиот век, вработуваше околу 200 члена персонал. Неговите месечни трошоци изнесуваа вртоглави половина милион долари, а кога во 1996 година пејачот банкротираше, сите ја изгубија работата.
Затоа веста дека бившата „спајсица“, Викторија Бекам, и нејзиниот сопруг, Дејвид Бекам, почнале да штедат поради што морале да отпуштат 14 работници од своите куќи во Лондон, Лос Анџелес, Дубаи и на имотот во Баргемон во Франција, ги поттикна шпекулациите колку, всушност, работници се вработени во домаќинството на Бекамови и дали парот има финансиски проблеми. Но, се чини дека Бекамови ги немаат тие проблеми, туку, едноставно, веќе не сакаат да имаат толку персонал во куќите што ги посетуваат еднаш годишно.
Парот, чие богатство се проценува на околу 115 милиони долари, само во својата лондонска резиденција, наводно, вработува повеќе од 20 работници и уште 15 на останатите имоти во светот. Значи, за да може да функционира петчленото семејство Бекам и нивното домаќинство воопшто, се грижат две лични помошнички, по една за секој сопружник, а за трите деца: Бруклин, Ромео и Круз се грижат две дадилки. Другиот персонал ги вклучува домаќинката, готвачот, тројца градинари, возач, осуммина телохранители и тројца членови од помошниот персонал, кои се грижат за чистотата и за другите работи околу куќата. Значи, Бекамови само на помошниот персонал трошат околу 3 милиони долари, а во таа цена не е вклучена цената на услугите од „надворешни“ соработници, како адвокати, агенти, деловни менаџери и портпароли на славниот пар.
Поп-кралицата Мадона тврди дека не може да го замисли животот без помошта на дестина лица.
- Мојата куќа е како реклама за „Бенетон“. Имам француски дадилки, телохранителите ми се Израелци, а личните помошнички се од Аргентина, Порторико и од Јапонија. Имам двајца готвачи - едниот е од Италија, другиот од Јапонија. Мене тоа ми е прекрасно и сите ги обожавам - открила Мадона. Но, се чини дека нејзиниот персонал не го споделува нејзиното воодушевување. Имено, минатата година Мадона останала дури без пет члена од својот персонал. На пејачката и' дале отказ две лични помошнички, две дадилки и личниот возач, а како главна причина ја навеле премореноста. Сепак, таа вработува околу 40 работници на кои троши повеќе од 4 милиони долари годишно.
Актерката Анџелина Џоли, исто така, се нашла да удар на критиките дека го експлоатира својот персонал, чиј број се движи од 25 до 30 работници. Бидејќи Енџи и Бред имаат дури шест деца, секогаш ги следи мала војска од дадилки и телохранители. Само на нив познатиот актерски пар годишно троши повеќе од 2 милиона долари. Бранџелина, меѓу другите, наводно, вработува три дадилки - од Виетнам, Конго и од САД, четири медицински сестри и лекар, кои им се постојано на услуга. Освен нив, имаат и две лични помошнички, готвач, чистачка, домаќинка, неколку градинари, возач и од шест до десет телохранители.
Уште еден славен пар има двоцифрен број вработени. Освен цела чета стилисти, пејачките ѕвезди Бијонсе и Џеј Зи во своето домаќинство вработуваат најмалку 15 члена персонал. Освен вообичаените - градинар, чистачка, готвач и слична послуга, меѓу нивните вработени се и две лични помошнички, две домаќинки, батлер, кој ги придружува и на патувањата и уште најмалку четворица телохранители.
Поп-пејачката Мараја Кери ја следи глас на вистинска дива. Таа никаде не оди без најмалку две помошнички и т.н. lady-in-waiting. Тоа е работа што ја извршувале посебни слугинки за дами во 18 и во 19 век, кои им помагале да се облечат и да им носат храна и пијалак. Освен нив, Мараја има и батлер, кој ги дочекува гостите, се јавува на телефон, професионален готвач и две домаќинки. Ако се додадат градинарот, возачот и неколку телохранители, бројката се искачува на повеќе од 10 вработени. (Ј.П.) |