ЕДИТОРИЈАЛ
Испревртени вредности во ненормално време
Иван Бојаџиски
Најновиот скандал со малолетничка проституција во режија на бизнисмени од Штип и од Кочани, кои на девојчињата можат да им бидат дедовци, спротивно на очекувањата, не предизвикаа премногу вознемиреност, барем во овие градови. Коментарите се сведуваат на тоа дека целата скандалозна епизода е нормален продукт на ненормално време во кое царуваат испревртени вредности. Дисфукционални семејства, образовен систем во кој ја нема воспитната компонента, доминацијата на материјалното во однос на моралното, телевизиите на чии програми доминантни се филмови и емисии со насилна тематика, Интернетот како глобална институција на која секое, барем и малку компјутерски писмено дете може да најде се' и сешто...
Во штипскиот пример се јасни поголемиот дел од причините што го предизвикаа скандалот со бесчувствителното искористување на несозреаните детски души и тела од возрасни, богати поединци кои, според тврдењето на психолози, и сами сигурно имале фрустрирачко детство.
Двете малолетнички се дел од дисфункционални семејства. Мајката на едното од девојчињата се мажела три пати, а извесно време и воопшто не живеела со својата ќерка. Психолози велат дека на децата од такви семејства им недостасува најважното - родителската љубов и воспитание, дека силно им недостасувале топлината на семејството и скромната материјална поддршка од родителите. Малолетничките немале чувство дека некој се грижи за нив. Поради тоа, замената за вакво нешто нашле во постарите лица кои им го понудиле сето она што го очекувале од родителите, од семејството, а не го добиле. Опсипани со внимание, со „мило мое“, со подароци во вид мобилни телефони, сим-картички, летувања во Охрид, ноќни седенки во вили и во станови, се' уште несозреаните девојчиња прв пат во животот, имале чувство дека некој се грижи за нив, дека некому му значат.
Тројцата бизнисмени кои се јавија во улога на силувачи на иднината на малолетничките, психолозите ги опишуваат како психопати кај кои нагоните за самодокажување се поизразени од моралните норми и вредности од кои треба да се води секоја нормална личност. Забегани од моќта на богатството, кое го создале во периодот на транзицијата, овие луѓе од кои двајца постари од 63 години, создале илузивен свет за себе дека можат с��' што ќе посакаат. А дека нивните баханалии и изживување врз се' уште несозреаните во секоја смисла девојчиња нема да бидат откриени и соодветно санкционирани. Во тие и такви околности на развратничко однесување тие сексуално ги искористувале девојчињата без притоа да помислат дека дома имаат внуки на иста возраст.
Во Штип и во Кочани не се шокирани од самиот настан колку од вкупниот општествен амбиент за кој, барем така се говори, се' повеќе погодува на случувањето на вакви скандалозни појави. Најголемиот дел од граѓаните ќе речат дека во новиот капитализам во кој моралот е неспомнувана категорија, мајките се' поретко ги гледаат децата работејќи од утро до мрак, секој празник и секоја сабота, главно, во конфекциите и во чевларските фирми.
Во такви околности воспитувањето на децата станало заборавена категорија иако семејството, во однос на воспитната димензија, според психолозите нема замена. Збунувачки изгледа и фактот дека од училиштето на малолетничките никој не им сигнализирал на родителите за отсуствата од настава. Освен на родителските средби, на кои родителите на искористуваните девојчиња и не доаѓале.
Последиците од овој скандал со искористување на девојчиња во раширената малолетничка проституција се познати. Останува да се види дали и колку сите повикани институции во општеството ќе се впрегнат во борбата за елиминирање на причините што погодуваат на оваа појава. Најверојатно е дека и овој случај ќе биде покриен од некој нов скандал, па ќе замине во историјата покриен од пожолтените лисја за новата есен.
|