Настан
Моден ден со „Леонтиќ“
Со стартот на новата учебна година учениците од Средното училиште за фризери и козметичари „Леонтиќ“, добиваат професионален предизвик. На 19 септември во Музејот на Град Скопје ќе се одржи завршната ревија на кандидатите што ја завршиле својата обука во периодот 2009-2010 година. Идејата на првиот човек на Академијата „Леонтиќ“, Васка Леонтиќ, е оваа ревија да не се задржи на нивото на интерна училишна приредба, туку да се надгради во моден настан, кој ќе го привлече вниманието на „модно загрижените“ скопјани. Затоа, овој 19 септември Леонтиќ го прогласува за моден ден, во кој оние што ја минале обуката во ова училиште ќе имаат можност да ги претстават своите вештини. Воедно, сегашните курсисти и средношколци, кои се' уште учат, ќе ја имаат улогата на асистенти на веќе оформените колеги.
На овој ден на модата ќе учествуваат сите профили што ги стекнале своите знаења и вештини во училиштето „Леонтиќ“. Тоа значи дека шминкерите на самото место на настанот, пред јавноста ќе ги шминкаат манекените. Фризерите ќе ја започнат својата работа пред публика, а фризурата на моделите ќе ја стилизираат според тоалетата, специјално подготвена од нивната наставничка по уметност, Силвија, од модното-дизајнерско студио „Афсар“. Козметичарките ќе се претстават со декорација на нокти. Тоа е само еден сегмент од модниот ден.
Вториот дел од настанот има презентерско-натпреварувачки карактер. Учениците од поранешните генерации на ова училиште, кои веќе имаат сопствени бизниси, ќе презентираат фризури на скулптура. За трудот следуваат награди. Првата награда за шминкерите е обука од четири степени на курс за шминкање, додека втората и третата награда се производи од козметичката куќа „Ревлон“. Кај фризерите натпреварот е во неколку категории - коктел-фризура, авангардна и романтична фризура.
- На овој настан поголем акцент е даден на фризерите, т.е. на натпреварувањето за најдобро сработена фризура. Следниот настан ќе биде посветен на профилот - шминкер. Всушност, ова се само еден дел од настаните и активностите што ги организира Академија и студио „Леонтиќ“ како дел од обуката за нашите ученици. Настојуваме курсистите и средношколците да ги упатиме во самостојната и тимска работа, а притоа да направиме и едно модно доживување во градот - ентузијастички вели Васка Леонтиќ. (Ј.П.) |