Помина ли возот за Македонија?
„Македонски железници“ допрва ќе одлучува каков договор ќе потпишe со новата компанија „Карго 10“
Соња Маџовска
Помина ли возот со кој Македонија можеше поактивно да се вклучи во заедничката железничка компанија со Словенија, Хрватска и со Србија?
Откако овие три железници завчера потпишаа протокол со што практично формираа компанија „Карго 10“, сега в��општо не е јасно дали и како „Македонски железници“ е заинтересирана да се вклучи во овој проект. Директорот Оливер Дерковски, иако неодамна тврдеше дека земјава е решена да се приклучи на железничката иницијатива што ја предводат овие три поранешни југословенски републики, вчера за „Утрински весник“ изјави дека треба внимателно да се игра. „Допрва ќе одлучуваме каков договор ќе потпишеме со новата компанија што ја формираа Словенија, Хрватска и Србија. Тоа ќе се знае откако работната група, што е формирана во ’Македонски железници‘, ќе ги дефинира сите услови, цени, формалности за овој проект. Таа анализа треба да биде готова до крајот на октомври. Но, ние би влегле во оваа иницијатива без учество со основачки влог во заедничката компанија, туку само во бизнисот. Секој ќе си го гледа сопствениот интерес. Треба внимателно да се гази. Ние ќе ја нудиме нашата траса по Коридорот 10, кој води потоа до Солун, па Атина. Оваа иницијатива нуди побрз транспорт, олеснување на формалните процедури, царинските пречки. Ќе се однесува само на товарниот сообраќај. Ако има заинтересираност за нашата траса, ќе се вклучиме“, вели Дерковски.
Според него, Македонија за овој проект добила покана во јули, а во Љубљана на 31 август, разговарал со првите луѓе од „Словенечки железници“ за тоа како ќе оди нашето вклучување. За овој проект се заинтересирани и Црна Гора и Босна и Херцеговина, но и тие, како и Македонија, бидејќи по се' изгледа задоцнија, најверојатно ќе се вклучат само доколку има интерес за тоа.
И премиерот Никола Груевски вчера изјави дека Владата го поддржува овој проект, но, сепак, остава конечна одлука да донесе МЖ.
Излегува дека откако сите помисливме оти Македонија, дефинитивно, има желба да стане дел од железничката алијанса што ја формираат Словенија, Хрватска и Србија, а чија цел е поефикасен, порентабилен и побрз превоз на стоки во регионот, сега повторно се тактизира, како што тоа се правеше и пред добивањето на официјалната покана.
Македонските бизнисмени, пак, веќе се изјаснија дека би имале голема корист од железничкото спојување, кое би значело олеснето движење на стоките, што игра важна улога во бизнисот. Дали и овој пат земјава изгуби уште една шанса да се вклучи активно во проект што ќе му донесе бенефит и на бизнисот, но и на железницата, која се дави во долгови, а вработените постојано се закануваат со штрајк, поради доцнење на платите?
Инаку, заедничката железница се обелодени како проект уште во мај, но конкретниот договор беше потпишан завчера во Белград, кога беше официјализирана новооснованата фирма „Карго 10“, а се очекува на 1 октомври од Љубљана да тргне и првиот воз. Цел на оваа компанија е намалување на времето на транспорт по Коридорот 10, која со подобра организација треба да и' конкурира на алијансата Коридор 4, во која се здружени железниците на Унгарија, Романија и на Бугарија.
|