Број 3379  сабота, 11 септември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter

Знаменитост

Саат-кулите симбол на македонските градови

Киро Кипроски

„Чукањето на саатот не е секогаш означување на времето. За животот и за времето што минува саатот жали и вика ’ах‘“. Овие зборови се напишани на плоча на арапски јазик, која во 1858 година била поставена на саат-кулата во Прилеп заедно со часовникот. Со отчукувањето на штипскиот градски часовник штип��ани го имаат чувството дека времето не им е застанато. Овие и многу други мудри мисли поставени на плочи на саат-кулите или, пак, во патеписните белешки на многу автори што ја крстосувале Македонија, укажуваат на нивното големо значење за жителите на градовите и околината каде што се издигаат, кои претставувале и претставуваат култни места, места за собирање. Саат-кулите биле градени во централните места на градовите. По некое непишано правило, саатот бил сместуван во одбранбената кула на некој фортификациски објект, доволно висока, за часовникот да може да се гледа од сите страни. Токму затоа, до ден денес овие саат-кули се мошне атрактивни со својата архитектура, уникатни објекти и им даваат препознатлив белег на македонските градови. Тие се заштитен знак на градот, а Гостивар и Велес ги имаат земено како симбол на грбот. Со векови генерациите се грижат за нив, ги обновуваат и не дозволуваат да ги снема, бидејќи тоа се дел од нив, од нивната историја, култура и традиција. Како вредни културно-историски споменици, саат- кулите се заштитени од државата.

Првата саат-кула на територијата на денеш��а Македонија, а некои сметаат и на просторот на тогашната Отоманска Империја, била изградена во Скопје, во периодот меѓу 1566 до 1572 година. Механизмот на саатот бил донесен од унгарскиот град Сигет, кој претходно Турците го имале освоено. Подоцна саат-кули биле изградени и во Битола, Прилеп, Струга, Штип, Гостивар, Велес, Кратово... Во Кичево и во Тетово одамна се урнати, но има иницијатива за нивно обновување.

Скопската шестокатна саат-кула била изградена во непосредна близина на Султан Муратовата џамија, која со височината и архитектурата го привлекувала вниманието не само на скопјани туку и на сите гости што престојувале во градот. Во своите патеписни белешки Хаџи Калфа ќе забележи дека Скопје има саат-кула најголема од сите саат-кули кај христијаните, ги отчукува саатите и ден и ноќ, а ѕвоното се слушало на растојание од два часа одење подалеку.

Големиот пожар што избувнал во 1689 година, во голема мера ја отштетил скопската саат-кула. Меѓутоа, старата манастирска кула и дрвената надградба со часовникот опстојувале до 1904 година, кога го добива денешниот изглед: дрвената конструкција била заменета со тули и бил поставен нов механизам на часовникот. И во скопскиот земјотрес во 1963 година претрпува сериозни оштетувања, кои се санирани, но механизмот исчезнал за време на земјотресот и се' уште не е пронајден.

Прилепската саат-кула била изградена во периодот 1825 - 1826 година, од Саит-ага. Висока е околу 40 метри и заедно со столбовите и конусот на врвот достигнува 55 метри. Саат-кулата ја изградил еден од најдобрите и најпознати прилепски мајстори и градители Перо Лауц, градител на педесетина цркви и манастири во Македонија. Поради оштетувања, саат-кулата била реновирана во 1836/37 и во 1896/97 година. Пред петнаесетина години кулата почна да се навалува. Според стручњаците, причината се подземните води и различниот квалитет на темелите на ѕидовите. Според последните мерења, навалувањето е за 1,17 метри кон западната страна. Стручњаците тврдат дека не постои опасност од паѓање. Во 1986 година беше извршена последната конзервација на саат-кулата кога беа заменети повеќе дотраени и искршени делови.

Во 1992 година беше симната ѕвездата - петокрака и беше поставен крст. Инаку, првиот крст на прилепскиот градски часовник бил поставен во периодот од 1913 до 1917 година, а по НОБ била поставена петокрака.

Градскиот саат во Битола, како најзначаен белег на градот под Пелистер, во првичен облик бил изграден во 16 век. Во пишаните документи од 1630 година е забележано егзистирањето на некој часовничар Ибрахим, кој меѓу другото, се грижел и за одржување на тогашниот механизам на градската саат-кула, изградена од дрво. Бидејќи часовникот често страдал од пожари, во 1837 година бил поставен во камени блокови со малтер. За малтерот биле употребени 60.000 јајца, тврдат некои хроничари од тоа време. Механизмот на часовникот, кој и сега е во функција, бил подарок од германска фирма во 1936 година, во знак на благодарност на Битола и на битолчани, кои дозволиле да се изгради споменик на загинатите германски војници во Првата светска војна.

Битолскиот градски часовник, саат-кулата, има облик на квадрат и е висок околу триесетина метри. На врвот се наоѓаат ковани огради, на сите страни на терасите се наоѓаат конструкции на кои се поставени светилки, кои го осветлуваат часовникот за да биде видлив и ноќе, исто како и преку ден.

Саат-кулата што се наоѓа во паркот, во центарот на Битола, е култно место за битолчани, кои масовно го посетуваат. За време на Бадниковата вечер, покрај тревникот и тротоарот на паркот се палат свеќи за здравје.

Велешката саат-кула е изградена кон средината на 17 век од турските власти. Во текот на 17 и на 18 век служела како стражарска кула, а во почетокот на минатиот век е направен градскиот часовник со камбанарија. Кулата ја проектирал француски проектант. Градскиот саат е реновиран кон крајот на осумдесеттите години кога е извршена и поправка на механизмот. И денес преку камбаната редовно и точно ги отчукува часовите. Инаку, градската кула е симбол на градот и е ставена како заштитен знак во амблемот на Општина Велес.

Гостиварската саат-кула е изградена во 1566 година и претставува важен културно-историски споменик на поширокиот гостиварски регион. Деновиве започна да се реализира проектот за реставрирање. Со неговата реализација, која се очекува да заврши за еден месец, треба да се уреди внатрешноста, се врши бојадисување и заштита на дрвенаријата, а се интервенира и на ѕидовите. Исто така, ќе се обнови и осветлувањето.

Сегашниот лик, гостиварската саат-кула, го доби во 80-тите години на минатиот век кога на камениот дел беше поставен дрвениот дел и четири часовници, кои беа уништени за време на Втората светска војна.


#
Статијата е прочитана 962 пати.

Испрати коментар

Од: igor
Датум: 11.09.2010 13:45:20
pominete nekogas vo sveti nikole da ja poglednete nasata saat kula da ja videte i od nadvor i od vnatre. se uste raboti i vo nea kako da se vrakate vo vremeto od minatoto a nikade nikoj da ja spomene. da gi videte potpisite sto stojat po dzidovite od 1900totat od nasite nekogasni gragani koi doprinele za gradot i saat kulata. a od vasiot vesnik ni zbor za ovoj spomenik za ovoj istoriski grad.zbor nemate a gradskiot saatot sepak otcukuva
Од: saso
Датум: 11.09.2010 16:01:28
Колку што видов, имаше слика од саатот во Свети Николе, а зошто нема текст, не знам, но пожелно е читателите да се јавуваат и да ги презентираат убавините на македонските градови.

Најди! во Утрински
Насловна
Тиквешански
Стил
9/11 Девет години потоа
Испревртени вредности во ненормално време
Помина ли возот за Македонија?
Ромпуј го охрабри Иванов да го решава името
Чита ли Владата?
Колапс
Пасторот од Флорида нема да го пали Коранот!
Бебе во Даунинг стрит 10
Вакуум во издавањето пасоши
Библиотеката - колективно сеќавање на нацијата
Светска премиера на „Мајки“ во Торонто
Неверниот сопруг бара прошка
Сликата влегува во дневната соба
Дебели минуси на контото на Владата
Уличен фудбал за индивидуалци
Нарушениот станбен пазар во САД
Маките на персоналот на ѕвездите
Македоците се појавија, па ги снема од пописот во Бугарија
Моден ден со „Леонтиќ“
Скандал