Писмо од Лондон
Бебе во Даунинг стрит 10
Не е мал броЈот на оние што веруваат дека Камерон (43) оди по стапките на своЈот славен и оспоруван лабуристиЧки претходник Блер, тивко применуваЈЌи некои од неговите потези и однесувања, во што го вброЈуваат и бебето добиено во премиерскиот мандат
Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Семејството на британскиот премиер Дејвид Камерон во август отиде на одмор во Корнвол, во југозападна Англија, затоа што сопругата Саманта (39) беше пред породување, а оттаму се вратија со своето трето дете, новородената ќерка. Малечката се роди две недели порано од предвидувањата, што не се смета за нешто невообичаено, па веќе е во Даунинг стрит 10 како најмлад член во официјалната резиденција на британските премиери. Сместена во строгиот центар на Лондон, оваа наизглед обична лондонска куќа, од темна цигла, во малата уличка без излез од другата страна, а во чие соседство нема ништо друго освен владини згради, не е некое место за минување на првите денови од животот на едно штотуку родено дете. Изгледа дека кога е правена, не се размислувало многу за тоа дека „газдите“ на куќата ќе имаат време, покрај политиката, да се занимаваат многу со семејството, па да го зголемуваат бројот на членовите, особено што поголемиот дел од премиерите гледано низ историјата, влегувале и си заминувале оттаму во поодминати години.
Ако се остави времето од пред Втората светска војна, во воените години Винстон Черчил и сопругата веќе беа длабоко во возраст, во која не може одново да се стане родител. Ниту Клемент Атли по Черчил во тешките години на опустена и осиромашена Велика Британија имаше можност и време да се занимава со татковството, што потоа се пренесуваше и на другите. На возрасните Ентони Идн, заглавен во Суецката криза, во средината на педесеттите години од 20 век и со опсесијата да го тргне Гамал Абдел Насер од власт, па потоа на Харолд Макмилан, кој се мачеше со францускиот претседател Де Гол околу влегувањето на Британците во тогашната ЕЕЗ, а настрада поради сексуално-шпионската афера Профјумо на својот министер за одбрана. Проширувањето на семејството не им беше во „програмата“ ниту на исто така возрасните Даглас Хјум, чиј син се самоуби, откако се разбра дека се сплеткал со сестрата на кралицата Елизабета и лабуристот Харолд Вилсон, за кого никој не знаеше дека боледува од тешка болест. Ториевецот Едвард Хит беше без жена, никогаш не беше женет и немаше никаков афинитет за нив за да може да има принова во Даунинг стрит 10. Џим Калаган беше, исто така, возрасен, како и Маргарет Тачер, која со сопругот Денис можеше да разговара само околу нејзината челичност и за тоа како да ги доведат во ред нивните две (возрасни, а разгалени) деца, кои постојано и' правеа проблеми, тешки колку и игрите зад грб на нејзините министри и партиски функционери. Нејзиниот наследник, Џон Мејџор, кој остана дури седум години премиер, веќе беше изморен од брачните излети додека беше само министер кај Тачер, со својата колешка Едвина Кари, па кога стана премиер, немаше ниту време, а изгледа ниту сили за да мисли на семејството.
За такво нешто додека беше на функцијата ќе настрадаше уште веднаш, па прашање е дали воопшто ќе беше и избран како замена за челичната леди, а подоцна и избран за премиер, ако Кари, лута што не ја постави за министер, своите мемоари ги објавеше порано. Како и да е, долгата суша во семејниот живот на британските премиери ја прекина, кој друг, ако не Тони Блер. Лабуристот полн со елан и енергија, за неколку години откако го освои својот прв мандат (во 1997 година), целосно ги измени претставите за тоа како треба да изгледа и да дејствува еден висок британски функционер и политичар, воведувајќи сосема нов и дотогаш незабележан политички маркетинг во земјата, долго и со децении (здодевно) поделена на сини ториевци, на кои левицата им лепи етикета дека се партија на богатите, и на црвени, работнички лабуристи, за кои десницата тврди дека не гледаат подалеку од она што го заговараат синдикатите. Блер ги остави настрана синдикатите, отиде политички, а и идеолошки поблиску до центарот, престана да зборува како работнички и пролетерски трибун и успеа за прв пат да им ја грабне на конзервативците средната класа, која во него виде премиер на сите Британци, а не само на работниците, на ниската класа и на синдикатите.
Тоа што објективната јавност му го прикажуваше како големо постигнување во модернизацијата на лабуризмот и во функционирањето на државата, неговите политички противници, пред се', во левицата од каде што потекнува, му го земаа за зло, па врз основа на таквата позиција и го натераа предвреме да се повлече во третиот мандат како премиер. Но, тој и таков Блер најде време да го зголеми и своето и онака не мало семејство кога во мај 2000 година, на 47 години, со сопругата Чери добија и четврто дете. Политичките противници велат дека и тоа било дел од политичкиот маркетинг на кој (наводно) целосно му го имал препуштено управувањето со земјата. Циниците забележуваат дека бебето било зачнато во Балморал, за време на заедничкото летување на Блеровци со кралицата Елизабета и нејзиното семејство, во летната кралска резиденција во Шкотска. Сосема малку се оние што на бебето гледаат низ католицизмот, на кој му е посветена Чери Блер, во кој по повлекувањето од премиерската функција премина и нејзиниот сопруг. Точно 150 години беа поминати откако еден британски политичар добил дете додека бил премиер и откако се слушнало бебешко плачење во Даунинг стрит 10.
Десет години потоа, уште еден премиер на функција придонесе детскиот џагор да се слуша низ куќата без соседи (ако не се смета на министерот за финансии, кој е во зградата со број 11), па неминовно се прават споредби меѓу првото бебе, родено по еден и пол век и ова второто, родено 160 години подоцна, од времето кога во средината на 19 век последен пат имало бебе во официјалната резиденција на премиерот на Обединетото Кралство.
Во овдешната политичка јавност не е мал бројот на оние што веруваат дека Камерон (43) оди по стапките на својот славен и оспоруван лабуристички претходник, тивко применувајќи некои од неговите потези и однесувања на самиот старт од првиот мандат на Блер. Но, секако, далеку од тоа дека бебето на Саманта и Дејвид е дел од „копирањето“, зашто за уште едно дете брачниот пар Камерон се одлучиле уште додека тој беше во опозиција и пред најнеизвесните избори, по средината на седумдесеттите години на 20 век. Блер доби син една година пред изборите во 2001 година, а Камерон доби ќерка сто дена по влегувањето во Даунинг стрит 10, уште и четири години помлад.
Политички гледано, при раѓањето на четвртото дете, Блер веќе имаше капитал од постигнувања (и забелешки, што отишол предалеку од изворниот лабуризам), додека актуелниот премиер сега собира политички поени и гради имиџ кај Британците, имајќи го ��ад себе тивкото незадоволство на неговите ториевци за здружувањето на либералдемократите и за откажувањето на некои од основните принципи на ториевците. Заеднички и на двајцата им е што Блер ги протресе и се обиде да ги модернизира своите, додека Камерон се обидува да и' даде нова нијанса на сината боја на конзервативците, како и тоа дека и кај двајцата бебето беше нивно четврто дете, само што првото дете на Камерон почина минатата година. |