Мислења
Библиотеката - колективно сеќавање на нацијата
Филип Петровски
Во библиотеките се чува историјата, се чува енергијата на оние што во нашата држава пишувале, твореле, се напрегнувале да породат зборови
Наскоро Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе одбележи 65 години од своето постоење. Тоа е важен јубилеј - 65 години кои никој не може да ги доведе во прашање, а поврзано со нашето постоење. Имено, познато е дека многумина го негираат постоењето на Македонија, на нашата нација и народ. Па, едни се враќаат наназад се до Александар, други до времето на Отоманското Царство, а трети до почетокот на 20 век, објаснувајќи дека Македонци немало, немало нација, јазик... Сепак, намерата на овој текст не е да навлегува подетаљно во тие дебати, туку само на обичен начин да појасни дека тие 65 години не може никој да ги оспори. Мојата библиотека (не ја поседувам, туку како граѓанин на Скопје ја чувствувам за своја) чува историја за тие 65 години. Неизбришлива историја. Изданија на државното книгоиздателство на Македонија како, на пример, „Порои“ на Бенко Маековски, издадена во 1945 година. Може ли некој да го оспори тој факт. Ако времето пред тоа е податливо за ваква или онаква дебата поврзана за нашето постоење, тогаш времето по оформувањето на библиотеката е неизбришливо поврзано со нашето постоење, односно со собирањето и чувањето на трагите за нашето битисување. И, тие се тука. На некој може ќе му се видат малку години, јас, пак, велам дека се доволно години за никој да не може засекогаш да не' избрише како народ, нација и држава.
Тоа е мојот мал свет каде што имав можност да работам и да промислувам како треба да се брани сопственото постоење. Дојдов во библиотеката во 2005 година на сопствено барање. Поднесов програма за тоа каква треба да биде една библиотека, која го опслужува главниот и најнаселениот град на Македонија. Самото доаѓање беше проследено со контроверзии и коментари. Како и се' друго. Нејсе. Понудив програма, но не за да ја зафатам фотелјата, туку за да направам квалитетна разлика и да докажам дека може да се направи корисна општествена работа.
Дозволете накратко да се потсетам на таа 2005 година. Сметам дека е потребно да се пишуваат лични согледби, што повеќе, за жал, не е случај во Македонија, за да се остава материјал за историчарите. А таа 2005 година Скопје доби нов градоначалник. Тој беше поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, што значи дека на некој начин и ВМРО беше победник на тие избори. Тоа укажуваше на поволен резултат идната година на парламентарните избори. Но, работата не беше завршена, туку се' уште мораше многу да се работи. Верувам дека секоја политичка гарнитура, за да ја заслужи довербата, мора да работи напорно, чесно и посветено. За интересите на граѓаните, за создавање подобри услови во секоја област. Можеби ви се чини дека во тој концепт библиотеките се небитни, но јас мислам дека тие се битна алка од битисувањето. Како што реков на почетокот, во нив се чува историјата, се чува енергијата на оние што во нашата држава пишувале, твореле, се напрегнувале да породат зборови.
Затоа сметав дека на еден ваков ангажман, кој од политичка перспектива изгледа спореден, треба да му пристапам со голема сериозност. Само како дополнување да го изнесам податокот дека кога разговарав со Никола Груевски за библиотеката, тој беше зачуден. Во тоа време, по победата на тие локални избори, сите беа залетани да се запишат во управни одбори на јавни претпријатија. Никој не размислуваше за библиотеки. Тоа е можеби среќна околност, ако се знае како беа третирани по освојувањето на парламентарните избори. Се ми се чини дека Груевски таа 2005 година се' уште мораше да тактизира со разните фракции, групи и поединци, за да се добере до власта. Тоа мошне умешно го направи, но тоа е приказна за некоја друга колумна или поопширен текст, можеби книга. Библиотеката, кога дојдов, ја затекнав во прилично лоша состојба. Посебно со книги. Претходно се набавувале книги само од одредени издавачки куќи, и тоа од 50 до 100 примероци, така што библиотеката изобилуваше со мртов фонд, кој никој не го бара, односно книги што само зафаќаат место на полиците. Затоа не зачудува што читателите не беа многу задоволни од изборот што им се нудеше. На полиците, исто така, се' уште имаше многу идеолошка литература од претходниот систем, како и туѓонационалистичка од типот на Црњански.
Сето тоа требаше да се промени. Ама фонд на книги не се прави за еден или два месеца. Фонд се создава со децении. Ние, за жал, сме имале неприлика - фондовите да ни се полнат со мемоари на партиски идеолози кои се објавувале на метро. Па, сепак, не е неможно да се промени состојбата и да се поработи во интерес на пошироката читателска публика. Токму тоа и го направивме. Прво, купивме голем број книги од сите издавачи кои доставија понуда. Идејата ми беше да се обзнани нов пристап кон набавката на книги и нов однос и соработка со сите издавачи. А на граѓаните на Скопје да им се покаже дека ќе има што да се чита и оти не мора да ги купуваат скапи книги.
Исто така, една од идеите ми беше да почнеме со дигитализација, како форма на заштита на ретките книги, но и како можност преку Интернет да ги направиме достапни секому и во секое време. Преку веб-страницата на библиотеката дадовме можност цела Македонија виртуелно да биде наш член, секако, бесплатно. А не само Македонците оттука, ами и оние иселените, кои можеби и никогаш не биле тука, кои се втора или трета генерација на иселена Македонија. Ним посебно им е потребна литература, македонски книги и писанија за да се запознаат подобро со мајчиниот јазик и нашата историја. Сето тоа го стартувавме како проект и мислам дека од денешна перспектива иницијативата може да се оцени како успешна. Често сум зборувал јавно дека на државава и е потребно биро за дигитализација за да се координира што е дигитализирано и за да се даваат насоки како тоа да се прави. За да не се дуплира работата и да се случува една иста книга да ја дигитализираат повеќе институции, со што се губи драгоцено време и пари. За тоа биро повеќе пати зборував, но остана само на тоа. Толку ми беше силата. Добро, во некое идно време можеби ќе се оствари. Мислам дека оној што е присутен на Интернет, во оваа фаза на еволуцијата - постои. Оној што не е – се знае, не постои. Се разбира, ова е мое субјективно мислење. Поради ограничениот простор во ценетиот „Утрински весник“, тука ќе застанам, за да завршам идната недела. Ова е кратко сумирање на работите затоа што мојот мандат завршува и редно е да се даде мал отчет.
(Авторот е доктор на политички науки) |