10.02.2012, 17:30 Прво брзаа да враќаат, а сега екстра се задолжуваат
Експертите предупредуваат дека состојбата со јавниот долг на Македонија постојано се вло��ува
Нина Нинеска-Фиданоска
Полека но сигурно се трупа долгот на Македонија. Наспроти смиреноста на овдешната Влада, која тврди дека ниската задолженост и' била една од посилните страни, и призната од сите релевантни меѓународни фактори, официјалните бројки покажуваат поинаква слика. Заклучно со крајот на минатата година вкупниот долг на централната Влада достигна близу 2,1 милијарди евра. Далеку порелевантен показател е износот на долгот како процент од бруто-домашниот производ, кој се искачил на 28,2 отсто, или два процентни поени повеќе од пред само еден квартал, кога нивото на задолженоста беше 26,2 отсто. Дали е ова сигнал за тревога? Во Владата постојано тврдат дека ние сме биле меѓу најниско задолжените држави во Европа, а со истата констатација настапија и вчера.
Никола Поповски, универзитетски професор, пак, е дециден дека состојбата со јавниот долг на Македонија постојано се влошува, иако Владата тоа не го признава и постојано изнесува поинакви толкувања. Тој ја критикува власта што во почетокот на својот мандат враќаше поволни долгови, за потоа пак да се задолжи, но под полоши услови. „Оваа Влада направи стратешка грешка кога во почетокот на својот мандат ги употреби наследените од претходната власт близу 300 милиони евра, за брзоплето да ги врати долговите кон Светска банка, Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка, кои беа со поволен рок и камати. На тој начин девизните депозити на Владата погрешно ги употреби и создаде формален впечаток дека го намали јавниот долг, без да соопшти дека во истиот момент целосно ги стопи своите девизни депозити“, објаснува овој аналитичар.
Според него, кога по само една година власта се најде во состојба да и' бидат потребни пари за да го финансира високиот буџетски дефицит, таа одново почна да се задолжува во странство, но овој пат со многу повисоки камати. Резултатот од сето тоа бил што јавниот долг на Владата повторно почна да расте, но за разлика од порано, сега таа нема речиси никакви девизни депозити и постојано се наоѓа во состојба да има проблеми со финансирањето на дефицитот.
„Од друга страна, наместо да го зголеми делот на домашниот денарски долг во вкупниот, таа направи спротивно и сега имаме состојба постојано да се зголемува надворешниот девизен долг во вкупниот јавен долг, а за него се потребни девизи. Нив Владата тешко ги обезбедува поради големиот трговски дефицит на Македонија, и затоа постојано мора да зема нови кредити и да емитува нови и нови државни еврообврзници. Тоа е сосема погрешен правец на управување со јавниот долг“, резонира поранешниот министер за финансии.
Ако се погледнат податоците за состојбата на јавниот долг објавени на веб- страницата на Министерството за финансии, ќе се види дека во 2006 година долгот имал учество од 32 отсто во БДП. Во 2007 тој паднал на 24 проценти (поради предвремените исплати), а во 2008 оди уште надолу и изнесувал 20,6 отсто од БДП. Но, веќе од 2009 почнува трендот на раст, па на крајот на таа година долгот бил 23,9 отсто. Следната 2010 дополнително се зголемува и бил на ниво од 24,6 проценти. За минатата 2011 година, пак, за која се дадени квартални податоци, стои дека на финишот на првото тримесечје задолженоста била уште повисока, 26,3 отсто, на крајот на второто изнесувала 25,3 проценти, а на крајот на третиот квартал била 26,2 отсто. И, последниот показател е за финишот на 2011, кога долгот се искачил на 28,2 отсто од БДП.
Ванчо Узунов, универзитетски професор, вели дека кога станува збор за задолженоста, Владата веќе неколку години ни ја презентира само сликата во моментов. „Иако, не знам дали ни таа е реална, односно можеби постојат и некои скриени моменти. Но, и да се точни показателите, работата не треба да се набљудува статички, тоа е ноторно незнаење“, објаснува професорот. Според него, најбитно е да се следи како се движи задолженоста, а тоа ќе ни покаже дека има постојан тренд на нејзино зголемување.
„Еден ден, кога ќе се види до каде дошла работата, ќе биде доцна. Сега, иако постојано се зголемува долгот, Владата, не признавајќи го тоа, не презема никакви мерки на промена на начинот на водење на нејзината економска политика. Но, доцна ќе биде кога еден ќе стане свесна за ситуацијата“, вели овој аналитичар.
Според него, доколку и во Грција навреме се согледало колку е опасен трендот на постојано зголемување на задолженоста и доколку пред 15 години се воделе суштински дебати на таа тема, состојбата немаше да дојде до ова дереџе. „И кај нас тр��баше одамна да се размислува за ова прашање, но сега е крајно време тоа дефинитивно да се сфати сериозно. Ратите кои ќе достасуваат идните години се' потешко и потешко ќе се сервисираат и ќе бидат неопходни многу кратења за нивната отплата“, објаснува Узунов.
И додека експертите предупредуваат на сериозна опасност што ја носи забрзаното задолжување, власта повторно ја убедува јавноста дека земјава била ниско задолжена. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески вчера само кусо искоментира дека „според последните податоци, Македонија е меѓу најниско задолжените држави во Европа, и така и ќе остане“.
Од последните податоци на Евростат, кои се однесуваат на крајот на третиот квартал на минатата година (кога ние сме имале долг од 26,2 отсто од БДП) може да се констатира дека од нашата земја понизок долг имале Естонија, Бугарија и Луксембург. Најголем долг во однос на БДП на крајот на третото тримесечје лани бил забележан во Грција, со 159,1 отсто, потоа следува Италија со 119,6 отсто, Португалија со 110,1 отсто и Ирска со 104,9 отсто. Најнизок долг, пак, имала Естонија, 6,1 отсто, следува Бугарија со 15 отсто и Луксембург со 18,5 отсто.
|