Одбележан јубилејот 100 години од раѓањето на Кочо Рацин

Стихозбирката „Бели мугри“ претставува објава на современата македонска поезија, рече Георги Сталев на вчерашната свеченост која се одржа во рамките на Славистичкиот конгрес
Невена Поповска
ОХРИД - Во рамките на програмата на 14. Меѓународен конгрес на славистите, во Охрид беше одбележан јубилејот 100 години од раѓањето на Кочо Рацин. „Појавата на стихозбирката ’Бели мугри’ од Рацин во 1939 година претставува објава на современата македонска поезија и не само поради тоа што е реализирана на македонски јазик, такви реализации имаше и една година пред тоа од друг автор, туку, и пред се', поради нејзините содржинско-естетски носивости. Книшката, како изразит протест против несправедливоста и угнетувањето, против експлоатацијата од чудовишни размери, била веднаш забранета од страна на властодршците и само благодарејќи на конспиративноста тиражот бил спасен и преземен од печатницата во Самобор, од каде што по тајни канали се дистрибуирал, пред се', во тогашната Вардарска бановина. Но, критичарски позитивни одгласи за неа речиси веднаш ќе се појават во тогашниот југословенски, пред се', левоориентиран печат. Најлапидарно речено, поезијата од ’Бели мугри’ е социјална, во одбрана на угнетуваната класа и, рака на срце, во расчекор со нашите денешни општествени определувања за капитализмот. Не е ни чудо што во годинава на одбележувањето на Рациновиот јубилеј во неговата родна земја најчесто се споменува само некаква големина, величина на Рацина, а се избегнува најбитното во неговата поезија, поради која овој автор и е величина. Чест на поединечните исклучоци“, истакна проф. д-р Георги Сталев.
Во продолжение на свеченоста, актерот Владимир Јачев одржа рецитал од стихозбирката „Бели мугри“ на македонски и на други словенски јазици, а на Иван Доровски му беше врачено почесното Рациново признание. Кристина Крамер, пак, од Канада, вчера го прими високото признание кое го носи името на Блаже Конески. Станува збор за медал што се доделува за исклучителни заслуги во поглед на афирмацијата на македонскиот јазик. По повод доделеното високо признание, Крамер изјави: „За мене претставува голема чест што ми е доделено едно вакво високо признание, особено затоа што го носи името на Блаже Конески. Тоа многу обврзува. Јас бев меѓу последните кои работеа со Блаже Конески и Божидар Видоески и на генерациите кои го изучуваат македонскиот јазик би можела да им речам дека јазикот не се учи само во институциите, туку и на улица, во ресторани, низ разговор во кафулињата. Јас тоа го правам и така го усовршив мојот македонски јазик“.
Покрај предавањата кои и денеска се одвиваа во секции за лингвистика, за литература, за култура и за фолклор, се одржаа и промоции на Избраните дела во десет тома од академик Милан Ѓурчинов, изданија на Комисијата за паралелни истражувања на словенските литератури, како и едицијата „Лингвистичко наследство“.
|