Портрет
Мистеријата и постојаноста на Обама

Тој разви комплетна самодисциплина што воспостави надмоќ не само врз она што го прави, туку и како се чувствува
Уште од самиот почеток на неговата претседателска кампања, помошниците на сенаторот Барак Обама ја слушаат истата мантра. Тој ја повторува на дебатите и појавувањата во јавноста по победите и поразите. „Треба да бидам подобар“, ќе рече тој. Начинот на кој Обама се подготви за трката, понекогаш повеќе личи на спортист отколку на политичар. Дури и пред да влезе во јавниот живот, тој почна да ги оформува не само политичките, туку и менталните и емотивните вештини.
Тој разви толку комплетна самодисциплина, посочуваат пријателите и помошниците, што воспостави надмоќ не само врз она што го прави, туку и како се чувствува. Тој лесно не ликува, очајува или се лути: ако го направи тоа, би било покажување слабост, одвраќање од неговите цели. Наместо тоа, откриваат тие, тој се исклучува психички и ја проценува ситуацијата. „Тој не вдишува“, вели Дејвид Акселрод, неговиот главен стратег.
Но, неговата виртуозност, сериозност, способноста да инспирира, неговиот наизглед имунитет на притисоците што влијаат врз другите би можеле да бидат меѓу најголемите негови пречки да стигне до целта. Има малку работи кои го прават да изгледа спонтан и непрефинет, па дури и по две книги, илјадници изборни настапи за време на кампањата и безбројните часови пред ТВ-камерите, голем број гласачи посочуваат дека немаат чувство дека го познаваат. Забелешките за неразбирливост ги збунува оние во неговото најблиско опкружување. Многу повеќе од поголемиот број политичари, велат тие, тој е истиот и во јавниот живот и приватно.
Мистеријата и постојаноста можеби имаат ист корен: Обама (47) е првиот кандидат за претседател, кој созреа во време на неуморно 24-часовно надгледување. „Тој е многу повеќе од кој било друг современ политичар, личност од ова време“, вели конгресменот Ерл Блуменаур, кој пролетва учествуваше во кампања со него во Орегон. Обама во јули го посети Западниот ѕид во Ерусалим и напиша порака која за кратко време беше пронајдена и објавена на Интернет. Пораката беше елегантно формулирана, како кандидатот да претчувствувал дека неговите зборови упатени кон семоќниот бог наскоро ќе бидат прикажани во јавноста. Во белешката Обама бара заштита, прошка и мудрост, порака која е во согласност со понизноста што тој се обидува да ја нагласи.
Но, неговата необјаснива самодоверба и лесно движење во нагорна линија поттикнаа поплаки од неговите противници - прво сенаторката Хилари Клинтон, а сега и сенаторот Џон Мекејн - и други критичари дека не троши доволно време за да заработува и да научи и дека неговиот главен проект во животот е неговиот напредок.
Обама наиде на тврдоглав отпор кај некои постари белци од работничката класа, на кои можеби неговата раса би им претставувала проблем - тој е син на Кениец и бела мајка – или, пак, неговата возраст. Но, исто така, тој изгледа многу далеку од нивните проблеми. Иако Обама знае што е борба - неговата мајка го прехранувала семејството со бонови за храна, а тој работел како организатор на заедница во најсиромашните квартови во Чикаго - тој не покажува знаци на борба. Додека се обидува да ги убеди тие гласачи дека имаат многу работи што им се заеднички, неговата спокојност пред толпа од 75.000 луѓе, неговата елоквенција и споредбата со Џошуа и Линколн може да и' противречат на неговата поента.
Тие не се првите кои ја видоа контрадикторноста меѓу неговото чувство за сопствена посебност и инсистирањето дека тој е како и сите останати. „Јас сум само првиот меѓу еднаквите луѓе“, напишаа неговите колеги за него во пародијата објавена во весникот на правниот факултет на Харвард откако беше избран за нивен претседател.
Пред речиси една деценија, Обама им се приклучи на „големите ѕверки“ како што се Џорџ Стефанопулос и Ралф Рид на редовните семинари, организирани од Роберт Путнам, професор на Харвард и автор на „Само куглање“, за влошување на односите во заедниците во САД. Младиот сенатор беше еден од понеистакнатите членови на групата. Но, наскоро сите му се обраќаа со „гувернеру“, пријателска забелешка, вели Путнам, за прераното созревање и енергијата на Обама.
Уште од самиот почеток мајка му на Обама го учела да размислува во големи размери. Кога пораснал, восхитувањето што го имал кон професорите и менторите ја зајакнала пораката, полека насочувајќи го неговиот стремеж се' повисоко. Како студент на право, размислувал да стане градоначалник на Чикаго; како професор по право, зборувал за кандидирање за гувернер на Илиноис; и не многу подоцна, тој влезе во трката за претседател. Обама многу повнимателно се подготвува отколку што понекогаш признава. Во интервјуто дадено годинава, тој негира дека со политички амбиции на ум го напишал автобиографското дело „Соништата за мојот татко“, по завршувањето на правниот факултет, а кое маѓепса голем број следбеници. Но, неговите колеги од Харвард посочуваат дека Обама уште во тоа време размислувал за кандидирање за работа во администрацијата.
Како човек кој речиси ништо не знае за својот татко, Обама можеби барал многу работи од овие личности: авторитет, сигурност, љубов. Но, неговите потреби биле конкретни, посочува Келман. „Тој формира менторски однос со цел да учи“, вели тој. „Тој сака да го знае она што тие го знаат“. „Го гледав повеќе како колега отколку како студент“, вели Лоренс Трајб, професор по право во Харвард за кој работел Обама. „Не го сметав како некој кој се праќа да изврши механички работи, да ги пребара сите случаи. Други студенти можеа да го прават тоа“, додава тој.
Од таборот на Обама ги нагласуваат неговите достигнувања од деновите кога бил член на Сенатот на државата Илиноис: тој успешно се залагаше за законите за финансирање на кампања и расно профилирање, како и исплата на детски додаток и даночен кредит за сиромашните работници. Но, „тој не учествуваше во обични нешта“, вели Џон Кориган, еден период консултант на демократските внатрепартиски избори за Сенатот на државата Илиноис. „Тој беше предодреден за нешто поголемо од обично крпење на улиците“.
И во сојузниот Сенат, Обама е претседател на пододборот за европски прашања, но никогаш не свикал сослушувања за да ги разгледа прашањата од надворешната политика - само неколку на кои се дискутираше за номинации. Од таборот на Мекејн се држат за овој шаблон, потсмевајќи му се на противникот, нарекувајќи го самоуништувачка ѕвезда, дури и сугерирајќи дека има комплекс на месија. Ако има некој квалитет на кој, оние во најблиското опкружување на Обама, му се восхитуваат тогаш тоа е неговата емотивна дисциплина. Ова делумно се должи на неговиот темперамент, а делумно на напорите на Обама да се ослободи од сопствените чувства за да може да донесе непристрасни одлуки.
Обама понекогаш подобро се поврзува со гласачите при лични соочувања. Во слободно време тој понекогаш ги изненадува поддржувачите - портир кој дал мала донација или постара жена за која разбрал дека уживала читајќи ја неговата книга - со ненадеен телефонски повик. Во февруари, чекајќи зад сцената за да зборува пред 20.000 луѓе во Сиетл, на Обама толку многу му се допадна разговорот со една постара двојка од Мичиген што бил потсетен да не го пропушти з��акот за негово влегување на сцената.
Обама често пати се нарекува постојан аутсајдер - расно, географски, политички. Но, неговата сторија е многу покомплицирана од тоа. „Тој беше аутсајдер во Колумбија и на Харвард“, вели Метју Мекгваер, негов пријател. „Тој беше аутсајдер, но во крајно инсајдерски клубови“. Во тие и други моќни институции Обама секогаш критички се опишуваше себеси. Откако беше избран за првиот Црнец за претседател на „Харвард ло ривју“, Обама одржа говор пред студенти-црнци и дипломирани студенти кој ги воодушеви, а на кој има такви кои се' уште се сеќаваат и по речиси две децении. „Не дозволувајте Харвард да ве промени“, била често повторувана фраза.
Денес и покрај милионите луѓе ангажирани и долари доделени за неговиот избор, Обама се' уште инсистира на тоа, неверојатно доволно, дека тој е истиот адвокат на сиромашните како оној пред 20 години на улиците на Чикаго. Но, откако ја прифати номинацијата од неговата партија, тешко дека ќе може Обама да се нарече нешто друго освен институција. Како лидер на својата партија тој ќе претседава со се' што вели дека не му се допаѓа во политиката: подметнувања, влијание на специјални интереси, партнерства. Ако тој победи на претседателските избори, нема да има пречки на патот на Обама што ќе треба да ги минува, само реизбор. Системот за кој вели дека е скршен, ќе стане негов. Дури и оние од неговото најблиско опкружување не се сосема сигурни како тој ќе ја направи таа трансформација. (Њујорк тајмс)
|