Поглед
Театарски караници
Тина Иванова
Аман од овие во Битолски театар! Како само во Битола да има театар. Се' само сплетки и манипулации. Вака гласеше коментарот на еден читател на „Утрински“ по повод најновите караници меѓу актуелното и бившото раководство на Битолскиот театар. Директорот Сашо Огненовски го обвинува својот поранешен колега Благоја Стефановски за непрофесионализам. Причината е - проектот „Госпоѓица Јулија“ најпрвин бил селектиран, а потоа отфрлен од програмата на тековниот фестивал „Ристо Шишков“, чиј селектор е токму Стефановски.
Директорувањето со Битолски театар, се чини, е проколната позиција и секој што ќе седне на мрачната фотелја не може, а да не го надлетаат лилјаците. Гледаме уште еден пример кога уметноста е заслепена од ниските страсти на политиката. Со случајот „Госпоѓица Јулија“ повторно се разбрануваа духовите во македонската култура. И овој пат, се разбира, страдалникот е културното творештво, културните дејци и уметниците, но и публиката што ги финансира. Но, не и културните бирократи.
Исти „актери“ со години полемизираат за правдата, ги полнат новинските страници и ги трошат скапите ТВ-минути со меѓусебните обвинувања. А, наместо тоа, од културната елита и од функционерите во културата јавноста очекува дијалози и полемики за вредностите на културното творештво, за квалитетот на уметничките достигнувања, за афирмацијата на новите театарски тенденции... Вака, затворени во стресните национални граници, досега малку, или речиси ништо не чувме за годинашниот квалитет на претставите на „Ристо Шишков“ или за актерските достигнувања што овој фестивал како категорија посебно ги вреднува. Така, се' што ќе запаметиме од годинашните струмички настани ќе бидат кавгите кој за која политичка партија одработува.
|