Циркус - дебата за Македонија во Брисел

Тие главно ја толкуваа историјата, и тоа не актуелната, туку од 1912 година, и ја изнесоа ситуацијата со македонското малцинство во Грција
Од нашиот дописник Слободанка Јовановска
Брисел - Зошто Македонија не е и не се знае кога ќе биде членка на Европската унија се виде вчера од дебатата организирана во Брисел од страна на македонската дијаспора во Европа, која беше со толку пропусти што и еден од учесниците изјави дека - на настанот му се случила мала катастрофа. Катастрофата, всушност, беше поголема, бидејќи организаторите заборавиле да обезбедат превод, макар што реално тој не ни беше којзнае колку потребен, бидејќи дебатата се водеше пред речиси празна сала.
Врв беше притисокот врз новинарите нешто да прашаат, а кога тоа го стори единствената странска новинарка од „ЕУ обсервер“, најпрво доби лекција место изјава, во смисла зар нема корупција и во земјите-членки на Унијата?
На форумот, организиран со наслов „Мистериозната европска земја Македонија“, учествуваа поранешниот германски амбасадор во Македонија, Ханс Лотар Штепан, автор на книга за Македонија, Жан Волф од Белгија, професорот од Германија Волф Ошлис, лингвист, и Адам Слупков од Полска, исто така автор на книга за нашата земја.
Тие главно ја толкуваа историјата, и тоа не актуелната, туку од 1912 година, и ја изнесоа ситуацијата со македонското малцинство во Грција. На моменти расправата беше издржана, а на моменти аматерска, па Штепан не знаеше дека премиерот Никола Груевски добил одговор на писмото на Мануел Баросо, Жан Волф тврдеше дека во Втората светска војна загинале милион и 700.000 Македонци, а Ошлис дека Македонија ги исполнила сите услови за членство во ЕУ и пречка е само рампата од Грција.
Врв беше кога за време на обраќањето на Ошлис заѕвони телефонот на Слупков, а бидејќи му требаше доста време да го најде и да го исклучи, првиот си дозволи пцост на микрофон, со порака - ќе го замолчите ли веќе еднаш тој телефон.
Меѓу интересните делови беше тврдењето на Ошлис дека Германија ја признала Македонија со уставното име поради брилијантната провокација на Теодорос Пангалос кога рече дека оваа земја е џин со детски мозок. Тој, исто така, го спомена законот против студии на меѓународни непризнати јазици во Грција прашувајќи – знае ли некој за постоење меѓународно признат јазик? Дали некој го признал германскиот?
Според него, единствен грчки елемент во Македонија бил Аристотел, кој бил учител на Александар Македонски, и тој факт е познат во Германија од пред 150 години.
Македонија, беше речено на форумот, беше остров на мирот на Балканот, најголем поддржувач на НАТО и сигурно место за стотици илјади косовски бегалци и, иако благодарноста не е карактеристика на политиката, не е сфатливо зошто е оставена настрана олку време од евроинтеграцијата.
|