Селеш во тениската Куќа на славните
Малата Мо во 15-годишната кариера освои девет Гренд-слема, а 178 седмици беше прва на ВТА-листата
Некогашниот женски рекет број еден во светот Моника Селеш на саботната церемонија во Њупорт влезе во тениската Куќа на славните заедно со уште тројца играчи. Селеш, која сега има 35 години, освои девет Гренд-слем титули во сингл во 1990-тите, од кои четири на Австралија опен и три на Ролан Гарос. Таа беше на врвот на ВТА-листата 178 седмици со прекини, а 1991 и 1992 година ги заврши како најдобро рангирана тенисерка. Таа и понатаму е најмладиот победник на Отвореното првенство на Франција, кое во 1990 го освои на возраст од 16 години и шест месеци.
Позната како Малата Мо, која е родена во поранешна Југославија, а во 1994 година доби американско државјанство, освои 53 титули во сингл и шест во двојки. Во текот на повеќе од 15-годишната кариера заработи над 14 милиони долари од наградните фоиндови на турнирите. Нејзината кариера беше прекината во 1993, кога беше избодена в грб од гледач при промена на страните за време на меч во Хамбург, по што не се појави на натпреварувањата 27 месеци. Својот последен Гренд-слем, Австралија опен, го освои во 1996 година.
На Селеш во Куќата на славните и' се придружија Андрес Химено, еден од најдобрите шпански тенисери во 1960-тите, потоа Доналд Дел, ексрепрезентативец на САД во Дејвис купот, како и починатиот Роберт Џонсон. Тој беше основач и директор на Американската асоцијација за развој на јуниорскиот тенис, која со децении работеше во поттикнувањето на развојот на афроамериканските тенисери. |